Connect with us

Култура

Вртев го најави концертот „Срцевина“: Без култура и духовност, идентитетските прашања нема да се поставуваат, ќе нè снема

Повеќе од две децении по последниот студиски албум, „Архангел“ официјално се враќа со нова музика. Со објавувањето на синглот „Дни оловни“, чиј автор е фронтменот Ристо Вртев, бендот ги најавува своето петто дискографско издание и големиот самостоен концерт „Срцевина“, што ќе се одржи на 13 јуни од 20 часот на стадионот на АРМ во Скопје. Ексклузивен гостин ќе биде Васил Хаџиманов.

Видеоспотот за „Дни оловни“ беше премиерно прикажан денеска на прес-конференцијата по повод концертот „Срцевина“.

Како што беше речено, „Дни оловни“ е силен вовед во новото поглавје на „Архангел“ поврзувајќи го почетокот на 44-годишната кариера на Ристо Вртев со неговиот актуелен авторски израз. Покрај препознатливата бескомпромисност и поетска острина, песната го најавува и новиот креативен циклус на бендот, кој на концертот ќе биде претставен и преку премиерни изведби на нови композиции.

– Без култура и духовност, идентитетските прашања нема да се поставуваат, ќе нè снема – порача кусо Вртев во разговор со новинарите за новиот сингл и досегашното творештво.

Себеси се гледа, рече, како автентичен автор.

– Многу е важно што пееш и тоа веќе дава налог како ќе го интерпретираш. Во т.н. комерцијална музика има глас и долги зборови, кои не значат многу, а и темата е секогаш иста, го слушаш квалитетот на пејачот, а тоа не е важно ако имаш текст што треба да се каже, како актер во театар. Тоа ги менува драстично работите. За мене, „Архангел“ е – она што го чувствувам да го претворам во песна и тоа да биде автентично, да не личи на нешто постојно, автентично во смисла на некои атмосфери, зашто низ разни премрежиња се менува и емотивниот набој во песните како кај народниот творец. Ова не е квалификувана музика, ова си ти самиот, нешто што сам си го задаваш, немаш канон. Јас правам песни, авторска музика, ова мене ми се допаѓа поради енергијата. Автентични автори кои се прифаќаат или не, тоа е клучот – објасни Вртев и додаде дека аматерски се занимава со културна политика како и сите други што се заинтерсирани да ни опстои културата во добра форма.

Васил Хаџиманов, кој преку видеоврска се вклучи на прес-конференцијата, истакна дека му е голема чест што ќе го отвори концертот на „Архангел“. За него, ова е легендарен, фантастиечн бенд, што зад себе има култна репутација.

– Кога го добивме повикот токму ние да свириме пред „Арнахгел“, многу се израдував и навистина ми е мило, а особено ми е драго што со Ристо направив уште еден вид контакт. Заедно работиме музика, тој осмисли една песна што јас ја аранжирав и која во еден момент заедно ќе ја снимиме. Мојот бенд свири друг вид музика и тоа публиката го знае, но кога е музиката во прашање, не е битен жанрот, стилот, таа некоја фиока во која ќе стават, туку што имаш да кажеш, а мислам дека ние имаме многу да кажеме и ќе бидеме убаво освежување за таа вечер – истакна Хаџиманов.

Покрај Вртев, во „Архангел“ се и Александар Ванчовски, Дејан Митровиќ – бас, Иван Петровски – гитара и Филип Димишковски – клавијатури.

Ad
Ad