Култура
„Ловец во ‘ржта“ премиерно на сцената на прилепскиот театар – голем проект во режија на Мартин Кочовски
Утревечер, на големата сцена во Центарот за култура „Марко Цепенков“, од 20 часот, прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрнски“ премиерно ќе ја изведе претставата „Ловец во ‘ржта“ од Селинџер, во режија на Мартин Кочовски.
Претставата е голем проект на прилепскиот театар и на режисерот Кочовски. Темата што е поставена на сцена е бунтот на индивидуалецот против општествто, кој е вечен и нема рок на траење. За режисерот Кочовски, само соработка со прилепскиот ансамбл може да ја обликува претставата која се смета за неповторлив театарски чин.
– Во прилепскиот театар има храброст и поддршка, која е незаменлива. Во ваква ситуација, во која се наоѓаме, од околностите, многу е битна поддршката. Темата за конфликтот на индивидуалецот со општеството често се обработува, а особено ја работам јас. А прилепскиот театар е вистинсакото место кој е клетка во општеството во кое упорно пркоси поради околностите во кои се наоѓа – рече Кочовски.
За драматургот Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, претставата не е само носталгија кон она што сме го имале во детството и во развојот.
– Ние како луѓе губиме дел од нас некаде меѓу детството и зрелоста. Не станува збор за носталгично гледање на работите, туку се работи за едно непосредно гледање, непосреден однос кон светот и кон животот – вели Митоска-Ѓорѓиевска.
Актерката Теона Крстеска првпат учествува во голем проект како студент на ФДУ.
– Ми беше огромен предизвик зашто ова е огромен залак за студент, ама мислам дека ја совладав задачата – рече Крстеска.
Актерот Димитар Ѓориевски соработката со режисерот Кочовски ја смета за врвна зашто неговиот пристап е уникатен.
– Во работата на претставата бевме ставени речиси и над нашите граници, но сфативме дека можеме и не сме биле свесни за уште повеќе вложување во претставата. Навистина е задоволство да се работи со Кочовски, ама и голем напор – рече актерот Ѓорѓиевски.
Драматизацијата е на Лидија М. Ѓорѓиевска, за сценографијата е задолжен Филип Јованоски, за костимите Јулијана Војкова, за музиката Пеце Трајковски-Брада, а учестуваат и Давид Скерлевски и Ана Митоска.
Ова е трета претстава на прилепскиот театар од годинешната програма, во која е ангажиран речиси целиот ансамбл.
јули 15, 2026

