Connect with us

Култура

Заврши јубилејната 40. Меѓународна ликовна колонија “Свети Јоаким Осоговски”, новосоздадените дела изложени пред јавноста

Триесетина дела во различни сликарски техники инспирирани од прекрасниот духовен амбиент на манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски” од врвни светски сликари и уметници од САД, Јапонија, Турција, Словенија, Србија, Бугарија и Македонија, беа изложени синоќа на завршната изложба 40-то јубилејно издание на Мeѓународна ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“.

Изложбата беше поставена во галеријата на стариот конак на манастирот, а публиката имаше уште една несекојдневна можност да сведочи за импресивните творечки креации создадени под импресија на творечкиот занес во сакралното манастирско духовно јадро на Осогивието.

Оваа година на колонијата учествуваше исклучително силна селекција домашни и интернационални уметници со препознатлив творечки ракопис, кои учествувале на бројни уметнички колонии и резиденции, кои имаат реализирано самостојни и групни изложби ширум светот: Атсуко Шимамура, Јапонија, Памела Тол,САД, Гонул Нухоглу, Турција, Милош Декиќ, Словенија, Јовица Дејановиќ, СрбијаГеорги Андонов од Бугарија, македонските автори со светско реноме, Гоце Божурски, Роберт Дандаров, Сергеј Андреевски, Симонида Филипова Китановска, Стефан Хаџи-Николов, Микица Трујкановиќ, Дејан Иванов Маргуш и познатите академски сликари од Крива Паланка, Роберт Цветковски и Стефан Младеновски.

Изложбата ја отвори претседателот на колонијата, Стевче Ристовски, кој се заблагодари на сите учесници, сите поддржувачи на манифестацијата што со четири децении постоење е реномиран културен бренд на општината и државата, со акцент дека токму културата и уметноста се најсилните репрезенти на еден народ и нација кои ги зближуваат уметниците од сите меридијани во една точка од просторот, давајќи вонвременска вредност на постоењето,а преку делата, оставајќи печат за вечноста – токму тука,во манастирот под закрила на светецот -заштитник на Крива Паланка, Свети Јоаким Осоговски.

Меѓународната колонија е поддржана од Министерството за култура и туризам на Македонија, Општина Крива Паланка и МПЦ – ОА, а како реномирана четиридецениска манифестација ги промовира општината и државата, придонесувајќи за културен туризам и промоција на македонската уметност и култура во интернационални рамки.

Изложбата беше дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето 2026″, а истата ја посети бројна публика од земјата и соседството.

Ad
Ad