Култура
Изложба во македонскиот КИЦ во Загреб за 60 години постоење на Меѓународната смотра на фолклорот
Ексклузивна изложба „Поздрав од Македонија – фотографии на македонски фолклорни групи на Меѓународната смотра на фолклорот Загреб“, реализирана во соработка со Меѓународната смотра на фолклорот Загреб, најпрестижната меѓународна и светски реномирана манифестација на аматерски фолклор во Хрватска, беше отворена синоќа во македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб по повод 60 години од нејзиното одржување.
Авторки на изложбата се Ивона Опетческа-Татарчевска, експерт за заштита на нематеријалното културно наследство во УЗКН и национален координатор за нематеријално културно наследство во УНЕСКО, и Бојана Пољаковиќ-Поповиќ, виш стручен соработник во Културниот центар „Травно“ од Хрватска,.
Како што соопшти КИЦ-Загреб, истражувајќи низ дигиталниот репозиториј на Смотрата, тие направија потесен избор преку кој го претставија широкиот спектар на македонски фолклорни групи кои настапиле на Меѓународната смотра на фолклорот во Загреб. Покрај класично отпечатени фотографии, изложбата е подготвена и делумно во дигитален формат.
Изложбата ја отвори амбасадорот на Македонија во Хрватска, Драган Ѓурчевски, кој истакна дека Смотрата е 60 години посветена на негување, зачувување и презентација на локалното и светското традициско културно наследство. Додаде дека особено значајно е и континуираното присуство на македонскиот фолклор кои, како што рече, достоинствено и автентично се претставувал на сцената во Загреб.
Амбасадорот Драган Ѓурчевски, наведува КИЦ-Загреб во соопштение, ја истакна важноста на културното поврзување и културната дипломатија како место на средба на различните култури и идентитети, потенцирајќи дека токму такво место е македонскиот КИЦ во Загреб.
Директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска, а на отворањето на изложбата истакна дека вклучувањето на оваа изложба во годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб и поддршката од Министерството за култура и туризам претставува јасен израз на нивните програмски определби — не само кон афирмација и промоција на македонското културно наследство, туку и кон континуирано унапредување на културната соработка со релевантни хрватски институции, организации и автори.
-Особено нè радува кога преку заеднички проекти, како што е овој вечерва, создаваме простор за нови културни дијалози, заемна почит и продлабочување на врските меѓу нашите две држави. Македонскиот фолклор, со својата раскошна музичка, танцова и визуелна естетика, претставува еден од најпрепознатливите симболи на македонскиот културен идентитет. Во народните песни, ора, носии и обичаи се содржани колективната меморија, духовноста и историското наследство на македонскиот народ, рече Ѓоргоска-Илиевска.
КИЦ-Загреб информира дека уметничкиот директор на Меѓународната смотра на фолклорот, проф. д-р Твртко Зебец, изрази огромно задоволство од воспоставената високопрофесионална соработка со македонскиот КИЦ во Загреб, „потенцирајќи ја важноста за културното поврзување и зачувавање на културното наследство, посебно преку вакви заеднички проекти кои го афирмираат културното богатство на двете држави“.
Ивона Оптeтечска-Татарчевска, една од авторките на изложбата, истакна дека оваа мултимедијална изложба содржи избор од 60 печатени и неколку стотини дигитални фотографии од големиот Дигитален архив на Меѓународната Смотра на фолклорот.
-Изложбата е збогатена и со оригинални носии кои денес ги чува Центарот за традиционално културно наследство, како и фотографски и аудиовизуелни материјали отстапени од неколку големи вљубеници на фолкорната магија кои се оѕваа на повикот на македонскиот Културно-информативен центар и испратија свои материјали што ги чуваат во своите архиви, не само во Македонија, туку и пошироко во светот, рече Оптeтечска-Татарчевска.
јули 5, 2026

