Култура
Љутков: Две години процес на стабилизација, обнова и развој на културата и туризмот
Од вкупно 98 проекти и активности предвидени во Програмата на Владата во делот на културата, завршени или во тек на непречена реализација се 73. Тоа е реализација од 72 проценти. Оние што не се отпочнати се капитални инвестиции, кои се предвидени за реализација до крајот на 2034 година, соопшти министерот за култура и туризам Зоран Љутков на прес-конференција на која соопшти за активностите по преземањето на ресорот од претходната влада пред две години.
Како што рече, во 2024 наследиле култура без стратегија, без јасни приоритети и акциски план, гломазна мрежа на национални установи и долг од 273 милиони денари само по основ на плати во националните и локалните установи. Нив ги обезбедиле со првиот ребаланс на Буџетот, како и дополнителни 71 милион денари за програмски активности и над 78 милиони денари за инфраструктурни проекти во општините. Следувал обемени процес на стратешко планирање и анализа за рационализација на националните установи од кои осум немале, рече, ниту просторен ниту човечки капацитет.
По две години посветена работа, денес Министерството има во завршна фаза три стратешки документи – националните стратегии за развој на културата, за културно наследство и за развој на туризмот, а се работи и на суштински измени на повеќе закони.
-По две години работа направивме значајни исчекори во обновата и развојот на културата и туризмот. Денешниот отчет не е само преглед на реализирани активности, проекти и инвестиции туку осврт на двегодишен процес на стабилизација, обнова и развој на културата и туризмот, во кој вложивме голем труд, знаење и посветеност, истакна Љутков, правејќи споредба од пред две години кога е соочиле со сериозни предизвици – институционални, финансиски и инфраструктурни. Како што рече, не се решени сите проблеми во културата, но се поставени цврсти темели.
За разлика од минатиот пристап на краткорочни и ад-хок решенија, рече, се воспоставува системски пристап, стратешко планирање и одговорно управување со ресурсите.
Во отчетот Љутков соопшти за воведениот модел на делегиран буџет во националните установи, со кој, рече, има поголема автономија и поефикасно управување со јавните средства, а двата годишни конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата биле реформски затоа што имале јасни критериуми, мерила и стандардии овозможувајќи транспарентна распределба на средствата и по нив имало многу мал број жалби.
-Особено сме горди на зголемената финансиска поддршка за годишните програми во културата. Во 2023 година програмските средства изнесувале 768 милиони денари, а во 2026 изнесуваат една милијарда и 71 милион денари. Тоа е вкупен раст од речиси 40 проценти, со фокус на зголемување на буџетите на националните установи. Резултатите се веќе видливи во Националните установи – нивните сопствени приходи се зголемени за повеќе од 150 проценти во споредба со 2023 година. Тоа е најдобар доказ дека кога институциите добиваат поддршка, создаваат квалитетна програма, збогатени содржини, зголемен број и градење нова публика, рече министерот.
По седум години е вратен конкурсот за креативни индустрии, по речиси една деценија пауза повторно е реализиран откуп на ликовни дела и се откупени 37 дела од значајни македонски автори во вредност од 6,6 милиони денари.
-Во капиталните инвестиции направивме огромен исчекор. Средствата за капитални проекти се зголемени од 230 милиони денари во 2023 година на 485 милиони денари во 2026 година. Тоа претставува раст од над 110 проценти. Во тек е реализација на капитални проекти кои со години беа најавувани, а никогаш реализирани, соопшти Љутков при што посочи дека е особено задоволен од динамиката на реконструкцијата на Универзалната сала, која се реализира според планираните рокови.
Зборувајќи за капиталните инвестиции министерот соопшти дека со предлог-ребалансот на буџетот ќе се обезбедат дополнителни над 200 милиони денари, што, рече „ќе овозможи интензивирана градежна офанзива“.
Во отчетот тој се осврна и на заштитата на културното наследство која, рече, била приоритетна обврска насочена кон зачувување и афирмација на македонската култура.
-Заштитата конечно го добива третманот што го заслужува, бидејќи е инвестиција во нашето наследство, во науката и во националниот идентитет, рече Љутков информирајќи за инвестиции во истражувања на локалитети и објекти што се заштитетно културно наследство. Меѓу нив го спомна проектот за возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник, проект кој бил значително девастиран поради долгогодишна негрижа и застој во реализацијата.
Новина е и воведувањето софтверски систем за водење на заштитните евиденции и Национален регистар со база на податоци за целокупното македонско културно наследство.
Љутков посочи и дека е засилена меѓународната афирмација на македонската култура, а особено е горд, рече, на филмската дејност, при што соопшти дека буџетот на Агенцијата за филм е зголемен за 87 проценти.
јуни 26, 2026


