Култура
Актерот Тони Наумовски е добитник на наградата „Мето Јовановски“ на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“
Актерот Тони Наумовски е овогодинашниот добитник на престижната награда „Мето Јовановски“ за високо уметничко достигнување во уметноста на филмот за 2026 година, на петтото јубилејно издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ во Дојран.
-Секое признание значи, исполнува, мотивира, обрзува и е привилегија посебно кога тоа признание доаѓа од дома. Мето Јовановски е голем мајстор кој што играше во лига на светски шампиони. За жал никогаш немав прилика да соработувам со него но секогаш уживам, се радувам и му се воодушевувам на неговите маестрални актерски остварувања, вели Наумовски.
Тони Наумовски е единствениот македонски актер, но и еден од малкумината балканци кои во Њујорк имаат своја кариера во театар, на филм и телевизија. Tоа што актерот го живее таму, во рајскиот голем град, не може да се раскаже, треба да се одживее, да се преживее и да се живее, секој ден, секоја секунда и секој здив со кој се дише животот и прима духот на слободата за да се прави тоа што се мечтае со отворени очи. Или да се одигра на филм.
Тој тоа го направи во прво лице еднина во `„Мојот Њујорк“ каде се игра себе самиот, емигрант и лунатик. Да се биде на сцена, да се стои пред камера и да се живее шансата да се биде `„Ноќен агент“, да се биде Марко, да се биде Виктор во „Лос Кос“, да се дојде до „Крајот на играта“ како Иван Асланов, да се биде бедник и таксист „Тука денес“, да се биде Александар Леко и да и се служи на „Ѓоспоѓата Министерка“ ама и Ајнштајн во „Медени ноќи“, да се верува повеќе од Олег дека „Портокалово е новото црно“, во меѓувреме да се боксува и раскажува дома на своите дека животот „Не е американски филм“, да се биде војник кој умира од живот и бара лек „На терапија“, да се биде убав, ама и да се биде со лузна на лицете, да се биде во реалноста, да се врати во минатото, да одлета во иднината и да јава во светот на бајките. Тоа се неговите животи. Не внимавајте кога живеете! Според житието на Тони Наумовски, некои животи може и да се живеат.
Како да се прочита листата на животот на актерот Тони Наумовски одигран во повеќе од осумдесет карактери, во исто толку продукции на филм и телевизија, на повеќе од десетина јазици меѓу кои и неколку продукции во Македонија, татковината на татко му која тој ќе ја открива и препознава со секое негово враќање во потрага по духот на слободата кој, барем тоа нешто, духот во Тони Наумовски е во безгранични количини. Таа магија што Тони Наумовски во карактерот на Владимир ќе ја донесе со себе во неговата, но и во приказната за Лена во македонскиот филм „Лена и Владимир“ само минатата 2025 година ќе му донесе четиринаесет награди и исто толку номинации за актерско достигнување во уметноста на филмот на повеќе од осумдесет фестивали во Европа и Америка.
јуни 26, 2026

