Connect with us

Свет

Европската комисија предлага построги правила за влез во ЕУ на украински мажи на воена возраст

Европската комисија предложи заострување на правилата за влез во Европската Унија на украински државјани на воена возраст кои ја напуштаат земјата без дозвола за излез.

– Нашиот предлог предвидува привремената заштита да не им се доделува на новопристигнатите лица на кои, според украинското законодавство, не им е дозволено да ја напуштат Украина поради воените обврски –  изјави денеска еврокомесарот за миграција Магнус Брунер.

Тој рече дека ова е барање на Украина и дека предлогот ги зема предвид променетите одбранбени потреби на земјата.

Украинските бегалци во моментов се опфатени со Директивата за привремена заштита, која им овозможува престој во ЕУ без поединечна постапка за азил.

Според Европската комисија, во ЕУ моментно престојуваат 4,4 милиони Украинци, од кои околу 26 проценти се возрасни мажи.

Предлогот следува по состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите членки на почетокот на јуни, на кој Германија и други држави се изјаснија за построги услови за прием на украински мажи на воена возраст.

Според извори на ДПА, идејата мажите на возраст од 23 до 60 години да бидат исклучени од режимот на привремена заштита добила широка поддршка.

Предлогот истовремено предвидува продолжување на важноста на поедноставените правила за престој за сите други украински државјани за уште една година, односно до март 2028 година, бидејќи сегашниот режим истекува на 4 март 2027 година.

За да стапат во сила, предложените измени треба да бидат усвоени од земјите членки на ЕУ.

Правото за поднесување барање за азил останува непроменето.

Лицата опфатени со предложените измени и понатаму ќе можат да бараат азил или супсидијарна заштита во земјите од ЕУ.

Во Германија супсидијарна заштита се одобрува кога постои ризик од сериозна штета во земјата на потекло, на пример поради вооружен конфликт. Самата можност некое лице да биде мобилизирано и испратено на фронтот не претставува автоматска основа за заштита.

Предлогот предизвика критики од Советот на Европа.

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флахерти, изрази загриженост поради, како што наведе, сè поголемиот притисок предвреме да се укине режимот на привремена заштита и да се ограничи пристапот за одредени категории, како што се мажите на возраст за воена обврска.

Брунер ги отфрли критиките, оценувајќи дека станува збор за барање на Украина и дека ЕУ „не треба да западне во стапицата на руската пропаганда“.

Украина и натаму се соочува со недостиг од војници. Според претседателот Володимир Зеленски, земјата мобилизира до 34.000 лица месечно.

Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров изјави дека армијата тешко ги надоместува загубите, додека се трага по повеќе од два милиона воени обврзници.

Мобилизацијата во Украина често предизвикува отпор. На социјалните мрежи секојдневно се објавуваат снимки од судири со регрутациските тимови, а дел од лицата што не сакаат да бидат мобилизирани пружаат и насилен отпор.

Лицата што се мобилизирани присилно, според извештаите, се задржуваат во објекти со режим сличен на затворски.

Украинскиот парламентарен комесар за човекови права Дмитро Лубинец редовно известува за смртни случаи поврзани со присилната мобилизација.

Неодамнешен медиумски извештај откри случаи на претепување, тортура и малтретирање на мобилизирани лица во една воена единица.

Ad
Ad