Свет
Долниот дом на романскиот парламент го смета за усвоен предлогот за обединување со Молдавија
Законскиот предлог поднесен од парламентарната група на националистичката партија „С.О.С. Романија“ за обединување на Романија и на Република Молдавија се смета за усвоен од Домот на пратениците поради истекување на рокот за негово разгледување, јави романската агенција Аџерпрес.
Предлог-законот бил доставен до Долниот дом на Парламентот на 14 април, а конечната одлука за иницијативата треба да ја донесе Сенатот, наведува агенцијата.
Предлогот денеска беше спомнат на пленарната седница на Домот на пратениците од страна на претседавачката со седницата, Наталија Интотеро.
– Законскиот предлог за обединување на Романија и на Република Молдавија, Pl-x 305 од 2026 година, се смета за усвоен бидејќи истече рокот за расправа и за конечно гласање – изјави Интотеро.
Според текстот на предлог-законот, „Парламентот на Романија ја потврдува својата приврзаност кон одредбите од Завршниот акт на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа во Хелсинки, кој ја предвидува можноста за мирна и дипломатска промена на границите“.
Во иницијативата се наведува и дека „Парламентот на Романија донесува одлука за обединување на Романија и на Република Молдавија“.
Дополнително, романскиот Парламент ја овластува Владата веднаш да започне преговори со властите во Кишињев за финализирање на процесот на обединување.
Предлогот предвидува по неговото усвојување и објавување во „Службен весник“ да бидат известени надлежните меѓународни институции, Владата на Република Молдавија, САД, НАТО, ОН и ЕУ.
Во образложението на иницијативата се наведува дека таа го отвора патот за преговори за враќање кон татковината на териториите кои, според предлагачите, биле „насилно одземени од болшевиците со помош на големите сили“.
Подносителите тврдат и дека главните политички сили во Романија, како и мнозинството граѓани во Република Молдавија, го поддржуваат обединувањето.
Според нивниот предлог, романскиот Парламент треба да донесе одлука за обединување, по што и Парламентот на Република Молдавија би требало да донесе слична одлука.
Според неодамнешна анкета на агенцијата ИНСКОП, 71,9 проценти од романските граѓани би гласале „за“ на евентуален референдум за обединување со Молдавија, додека 21,4 проценти би се изјасниле против.
Во Република Молдавија, пак, мнозинството граѓани не ја поддржуваат оваа идеја. Според последниот „Барометар на јавното мислење“, спроведен во септември 2025 година, речиси 46 проценти од анкетираните би гласале против обединување, а повеќе од 33 проценти „за“.
Неодамна романскиот претседател Никушор Дан изјави дека „Романија е подготвена“ доколку граѓаните на Република Молдавија поддржат проект за обединување на двете држави.
Претседателката на Молдавија, Маја Санду, во интервју за британски новинари во јануари изјави дека би гласала за обединување со Романија доколку за тоа прашање се организира референдум.
Дел од територијата на денешна Република Молдавија, односно регионот Бесарабија, бил дел од Романија во првата половина на 20 век. По Првата светска војна, Бесарабија се присоединила кон Романија во 1918 година и останала под романска администрација до 1940 година.
јуни 25, 2026

