Скопје
Општина Карпош: Засилена динамика на реновирање и реконструкција на оштетените урбани игралишта и урбани елементи
Целосно се реновирани и реконструирани, оштетените урбани елементи на детските игралишта, во дворот на ООУ „Јан Амос Коменски“, во урбаната заедница Тафталиџе 1, на „Фонтана“ во у.з Карпош 3, кај Адреналински парк во Карпош 3, како и на ул. „Никола Парапунов“, во населбата Карпош 4. Во рамки на ова игралиште, беа реновирани клупите, беа поставени нови лулашки, и се санираше другата урбана опрема. Се поставија и нови влезни врати, се детските лизгалки и клацкалки. На детското игралиште во ООУ „Јан Амос Коменски“, се поставија нови даски со качувалки за платформата на лизгалиштето, нов лимен покрив на куполата и се фиксираше лизгалката. Исто така се постави и клацкалка, како и две сосема нови лулашки.
Се бојадисаа железните делови на игралиштето и се постави даска на клупа во училишниот двор.
Во оваа фаза на реновирање, реконструкција и поправка на оштетените детски игралишта и урбани елементи на територијата на општина Карпош, се постави и нов обрач и мрежа за кош на игралиштето за баскет кај студентскиот дом „Гоце Делчев“, нова табла и мрежа за кошот на локацијата позади ресторанот „Македонска куќа“ во населбата Козле, како и нова стаклена табла и мрежа на игралиштето во населбата Влае 2.
Во рамки на училишниот двор на основното училиште „Аврам Писевски“, во населбата Бардовци, беа поставени и пет нови клупи, а беше средено средено детското спортско игралиште со што се подобри амбиенталниот простор на училиштето, односно училишниот двор доби модерен и функционален изглед. На улицата Варшавска бр.7 се заменија оштетени и стари даски на две клупи, додека на ул. Варшавска бр. 9 се пребојадисаа клупите за седење.
Општина Карпош и во иднина, ќе инвестира во реновирање на постојните над педесет и пет урбани (детски) игралишта кои се наоѓаат на нејзината територија, ќе ги реконструира оштетените клупи и корпи за отпадоци, како и ќе поставува нови, по барање на граѓаните, на однапред утврдени локации, онаму каде што има потреба.
Затоа, повторно апелираме до граѓаните, да не ја вандализираат урбаната опрема и урбаните елементи, бидејќи истите служат за нивна рекреација, дружење и одмор на сите генерации на карпошани, особено во летните месеци.
јуни 24, 2026
