Забава
Во трговски центар во Москва се отвора првиот затворен рибник во светот
Годинава планираме да го отвориме првиот затворен рибник во светот кој ќе се наоѓа во трговскиот центар „Гагарински“ и очекуваме да стане нова атракција за посетителите, соопштија од „Гагарински“. Иако риболовот најчесто се поврзува со активности во природа, нашата цел е да се промени тоа видување со изградба на рибникот во затворен простор, додаваат тие.
Атрактивниот новитет ќе биде со должина од 10 метри, а ширина 3 метри. Туристите тука ќе можат да видат различни видови риби меѓу кои крап, караш, линјак, платика, костур, сом и црвеноперка. Засега не е познато дали рибникот е наменет исклучиво за љубителите риболовот или е еден вид забава за посетителите.
– Првиот затворен рибник во светот ќе претставува „остров на природата“ во срцето на трговскиот центар „Гагарински“, истакнуваат авторите на проектот. Посетителите ќе можат да ловат риба во текот на целата година. Риболовните стапови и мамците ќе бидат обезбедени на самото место, а истовремено ќе можат да учествуваат до 16 лица. За уловената риба посетителите нема да добиваат вистински улов, туку виртуелна валута во рамките на играта, која ќе можат да ја заменат за производи во продавниците на трговскиот центар, додаваат тие.
Целото искуство, најавуваат, ќе биде дополнето со звуци од природата, како пеење на птици и крекање на жаби. Како што соопштија од компанијата одговорна за проектот, создадовме природно засолниште каде што можете да заборавите на метежот и вревата на големиот град.
– Ќе има аниматори и инструктори кои ќе им помагаат на посетителите, ќе одржуваат едукативни работилници, ќе раскажуваат за различните видови риби и ќе организираат натпревари за деца, најавија организаторите
Според првичните информации, ваквиот вид забава можеби ќе биде бесплатен, бидејќи уловените риби ќе мора повторно да бидат вратени во рибникот, а посетителите ќе добиваат поени што ќе можат да ги искористат за купување различни производи во „Гагарински“.
Овој концепт не ги убеди активистите за заштита на животните. Според нив, постојаното фаќање риби од утро до вечер, секој ден во неделата, повеќе наликува на стрес и непријатност за животните отколку на начин за забава.
-И покрај тоа што рибите по нивно ловење ќе бидат вратени во рибникот, тоа за нив не е воопшто забавно. Ваквиот начин само ќе ја уништи нивната благосостојба, предупредуваат тие.
јуни 24, 2026

