Connect with us

Општини

Во Кавадарци одбележани 113 години од Тиквешкото востание

Во Кавадарци денеска беа одбележани  113 години од Тиквешкото востание. Бројни делегации положија цвеќе пред споменикот во паркот Полана, а историчарот, професор доктор Далибор Јовановски, одржа историски час.

Јовановски раскажа дека по петвековното турско ропство, кога Србите дошле во Кавадарци, народот ги дочекувал со ракија, но многу брзо станал свесен дека дошле нова власт и ново ропство, што не дозволувала автономија за Македонија. Самиот начин на кој била практикувана новата српска кралска власт, наведе тој, предизвикал поголем и поголем револт кај населението. Решението за востание било донесено во кавадаречкото село Бегниште. Меѓу оние кај кои преовладувала решителноста за борба против окупацијата, бил и Димитар Диме Пинџуров, таткото на народниот херој Страшо Пинџур. Востаниците храбро се бореле и давале херојски отпор.

– Некои од српските војници ја заробиле краткотрајно Наца Пинџурова, мајката на Димитар Диме Пинџуров. Ја малтретирале, ја мачеле. Таа отворено им кажала, а бре синко, не знам каде е син ми, па и да го знам, прилега ли на мајка да го предаде синот на душманите – рече професорот. 

Биле ослободени Кавадарци и Неготино, како и голем дел од селата во Тиквешијата. Спротивната страна пак,  рече професор Јовановски, вршела жесток терор врз населението.

– Постојат многу извори за бројот на жртвите, се смета дека над илјада луѓе биле убиени во Тиквешијата, или огромна бројка. Настанот оставил одредени трајни последици врз населението во целата Тиквешија, рече Јовановски.

Ad
Ad