Култура
Наградата „Ванѓа Чашуле“ за 2024 и 2025 доделена на Ненад Трповски
Наградата за книжевен превод „Ванѓа Чашуле“ за 2024 и 2025 година му е доделена на преведувачот Ненад Трповски за преводот од португалски на македонски јазик на делото „Книга“ од современиот португалски автор Жозе Луиш Пејшото, во издание на „Антолог“.
Како што соопштуваат од издавачката куќа „Антолог“, одлуката едногласно ја донесе комисијата составена од академик Илија Чашуле, Игор Поповски, Лилјана Митковска и Виолета Јагев, кои разгледувале преводи од шпански и португалски јазик објавени во 2024 и 2025 година од автори што досега не ја добиле оваа награда.
Како што се наведува, наградениот превод успешно ги пренесува јазичните и стилските специфики на оригиналното дело Livro, првпат објавено во Португалија во 2010 година, задржувајќи ги сложената наративна структура и богатството на авторовиот израз.
– Со внимателно избрани реченични и лексички решенија, преводот овозможува делото да се чита како изворно напишано на македонски јазик, што претставува одлика на врвен книжевен превод – оценува комисијата.
Наградата „Ванѓа Чашуле“ се доделува третпат по нејзиното обновување во 2023 година на иницијатива на семејството по повод 40-годишнината од смртта на истакнатата преведувачка Ванѓа Чашуле, која се смета за една од пионерите на преводот од шпански и првата преведувачка од португалски на македонски јазик.
јуни 19, 2026

