Connect with us

Култура

Монодрамата „Медеја МК“ премиерно во битолскиот Центар за култура

Националната установа Центар за култура – Битола и Здружението за култура и уметност Движечки Музички Театар од Битола информираа дека завршија подготовките за премиерна изведба на театарскиот проект „Медеја МК“ создаден според „Medeamaterial“ на Хајнер Милер, поезија на Ана Бунтевска, а во режија на Марјан Нечак.

Проектот, кој ќе биде презентиран в недела, на 21 јуни од 20 часот, претставува современо сценско читање на митот за Медеја, низ спој на театар, музика, поезија и аудио-визуелни елементи, истакна на прес – конференција во Битола, директорот на НУ Центар за култура, Сашо Илковски.

– Овој копродукциски проект ќе биде изведен на големата сцена на НУ Центар за култура, установа која продолжува со својата продукциска активност со посебен фокус на монодрамата. Во оваа прилика се заблагодарувам на Гете Институт кој помогна да ги обезбедиме авторските права за овој текст кој е дополнет со поезијата на Ана Бунтевска. Монодрамата „Медеја МК“ ќе отвори многу прашања и многу размислувања и ќе го најде своето заслужено место пред домашната и публиката во странство со учество на разни фестивали, посочи Илковски.

Во монодрамата „Медеја МК“ настапува актерката Валентина Грамосли која во изјава за медиумите истакна дека по 35 години на сцената на битолскиот театар првпат влегува во „водите“ на монодрамата.

– Ова е голем предизвик и желба која се јави точно навреме и се остварува. Темата е безвременска, а јас како жена имам многу што да кажам во претставата. Се надевам дека публиката ќе ја разбере нашата заедничка мисла за што многу вложивме во процесот кој беше многу долг но сега созреа, нагласи актерката Грамосли.

Сценографијата за „Медија МК“ ја подготвија Марјан Нечак и Сергеј Светозарев, видеооператор е Владимир Пераловски, дизајн на светло Никола Ѓеорѓиевски и дизајн на плакат Сашо Илковски

Ad
Ad