Хроника
Стружанка отишла на работа и ги оставила децата сами ноќе во кола, сопругот ја пријавил во полиција
Четириесетгодишен маж од струшко село во полиција пријавил дека неговата сопруга ги оставила малолетните деца да спијат во автомобил додека била на работа – соопшти денеска СВР Охрид.
Според информацијата, В. С. (40) на 9 јуни, 3 минути по полноќ во ОВР Струга, пријавил дека неговата сопруга Н. С.(41) ги оставала нивните малолетни деца да спијат во нејзиното возило додека одела на работа.
– По овластување на јавен обвинител, полициски службеници презеле мерки и во паркираното возило на земјен паркинг на улицата Владо Малески ги затекнале децата како спијат. Децата се предадени на таткото В. С. и по целосно документирање на настаните, ќе бидат поднесени соодветни пријави – изјави портпаролот Стефан Димоски.
Тој посочи дека претходно, на 8 јуни, во ОВР Струга бил извршен службен разговор со В. С. постапувајќи по претходна пријава дека физички го нападнал неговиот малолетен син.
јуни 10, 2026

