Култура
Виница го одбележа јубилејот – 20 години на музејот „Теракота”
Изминатите два дена Виница живееше во духот на одбележувањето на значајниот јубилеј – 20 години од формирањето и работењето на Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“, главен презентер на светски афирмираните теракотни икони од Виничкото Кале.
-Во текот на претходните две децении, музејот се изгради во вистински чувар на нашето културно и историско наследство, институција која успешно ја претставува Виница на културната мапа на Македонија и пошироко. Музеј „Теракота“ остава неизбришлива трага во зачувувањето и промоцијата на богатото наследство на нашиот крај, истакна градоначалникот Митко Костадиновски.
Јубилејот Виница го одбележа со богата дводневна програма која ги обедини науката, културата и уметноста.
На 2 јуни се одржа научна конференција на тема „Музеите – трезори на културната меморија, предизвици и перспективи за развој“, а вечерта продолжи со свечена програма, доделување признанија на поединци кои дале особен придонес во основањето и развојот на музејот, изложба и пригоден коктел.
-Во рамките на одбележувањето, музејот „Теракота” и Општината му оддадоа почит на ликот и на она што го направи д-р Коста Балабанов, еден од најзначајните македонски археолози и голем пријател на Виница, чие дело останува трајна вредност и инспирација за сите генерации кои работат на зачувување на културното наследство, се наведува во денешното соопштение.
јуни 5, 2026