Connect with us

Свет

Портпаролката на француската влада ја обвини „Непокорна Франција“ за насилството во земјата

Претседателот на крајно левичарската партија „Непокорна Франција“, Жан-Лик Меланшон, се залага за „форма на бунт против Републиката“, изјави денеска портпаролката на француската влада, Мод Брежон, додавајќи дека партијата носи морална и политичка одговорност за насилството што ја зафати земјата.

„Веќе неколку години „Непкорна Франција“ нè навикнува да бидеме во оваа стратегија на екстремен конфликт на сосема претпоставен начин. Сето ова произлегува од исклучително јасната изборна стратегија“, изјави таа за LCI.

Според Брежон, Меланшон не повикал само на демонстрации.

„Жан-Лик Меланшон се залага, без да го каже тоа отворено затоа што е вешт, за форма на бунт против Републиката или барем против симболот на Републиката“, истакна таа.

Истовремено Брежон наведува дека владата ќе направи сè за да го „олесни“ обновувањето на бизнисите директно погодени од насилството во Франција за време на викендот, пренесува BFM.

„Им порачувам на сопствениците на продавници кои претрпеа штета и уништување, понекогаш исклучително сериозно – ние ќе бидеме со нив и ќе се направи сè за да им се олеснат процедурите и да се обноват нивните продавници колку што е потребно“, рече Брежон, која е и министерка задолжена за енергетика.

Во меѓувреме, во гостувањето на TF1, јавната обвинителка на Париз, Лаура Беко, рече дека „апсолутно не може да потврди“ дека сторителите на насилството во Париз се „политички поврзани со екстремната левица“, како што рече министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез.

„Претежно малку познати луѓе“ беа приведени и „тие молчат и не поставуваат никакви политички барања“, истакнува таа.

Сепак, таа забележува дека не се уапсени сите луѓе кои извршиле вандалски акти.

Министерот за правда, Жерал Дарманен, утрово на каналот Франс 2 изјави дека ултралевицата е „слабата точка“ на француската разузнавачка служба и дека во наредните години, ултралевичарските бунтовници кои сакаат да ги дестабилизираат институциите ќе бидат една од заканите за земјата.

На врвот на насилството поврзано со протестите синоќа во Париз, регистрирани се 30.000 ограбувачи и 8.000 демонстранти, објави париската полиција.

Повредени се 118 полицајци, од кои тројца се хоспитализирани.

Бранот масовни протести во Франција започна кон средината на септември како локален штрајк и бунт на ученици и наставници во средно училиште во посиромашно предградие на Париз, Кретеј, а причината беа катастрофалните услови во образованието – хроничен недостиг на наставници, преполни училници и запуштени, дотраени училишни згради.

Протестите се радикализираа и се проширија во средните училишта и колеџите низ целата земја, проследени со масовни блокади и судири со полицијата.

На демонстрациите им се придружија синдикати, родители и активисти на поранешното движење „Жолти елеци“, а на почетните барања за реформа во образованието им се придружија масовни улични протести против високите трошоци за живот, зголемувањето на цените на горивата и владините мерки за штедење.

Ad
Ad