Култура
Во Прилеп и Долнени 52. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“
Во Прилеп утре, а на Рудина (Долнени) задутре, ќе се одржува 52 фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Околу 250 учесници од сите краишта на Македонија, вљубеници во изворниот мелос, ќе ги разлеат звуците на гајдата, кавалот, зурлата, ќе одекнат тапаните, ќе зазвучи изворната песна која се негува со векови и е дел од богатото традиционално културно наследство.
На денешната прес-конференција во Ценатрот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп претседателот на Фестивалот, фолклористот Горан Василески нагласи дека гајдата која од неодамна е заштитена од УНЕСКО како нематеријално културно населдство останува како препознатливост на Фестивалот кој ги негува фолклорните традиции и ги пренесува на новите генерации.
-Навистина останува интересот за негување на изворниот мелос и кај повозрасните изведувачи во Македонија, но и кај младите. Имаме учесници од 5 до 85 години. Селекциската комисија на чело со уметничкиот директор д-р Родна Величковска последните два месеца имаше тешка задача да ги селектира учесниците. И, буквално се од сите краишта на земјава. Освен тоа имаме гости- учесници, нашинци кои живеат во Канада и во САД, а ги негуваат изворните звуци, дури и преку свои работилници со што продолжува традицијата македонскиот изворен мелос да биде препознаен насекаде. Фестивалот е горд што имаше улога во подготвувањето на апликацијата на Македонија за гајдата да биде заштитена од УНЕСКО како нематеријално културно наследство. А главната награда на фестивалот, за најдобар изведувач, гајдаџија, е Гајдата на Пеце што ја доделува општина Долнени, рече Василески.
Фестивалот се одржува под покровителство на Министерството за култура и е со сесрдна поддршка на Прилеп и на Долнени.
Годинава, на 20-ти, и денес, на 21 мај во спомен-куќата на фестивалот „пеце Атанасовски“ во Долнени, се одржа едукативна работилница за изучувањето на изворниот мелос со учениците во основното училиште во Долнени „Пецо Даскалот“.
Без разлика на намалените средства за одржување на фестивалот, за повеќе од една третимна, бројот на учесниците ќеостане секогаш ист, а содржините ќе бидат поскромни.
-Средствата се намалени за повеќе од една третина. Но никогаш нема да биде доведено учеството на изведувачите од целата земја или да се намали нивниот број. Тоа е суштината на Фастивалот- да ја покаже неизмерната љубов и посветеност на изведувачите на изворниот мелос без разлика на возраста. Содржите ќе бидат поскромни. Годинава нема зборник на трудови за „Фолклорот некогаш и денес“, а и невозможно беше да се изведе Семинарот за изучување на изворниот мелос. Но учесниците и по децении сакаат, ентузијастично да учествуваат. Тоа им значи – вели Донка Бачанова, секретар на Фестивалот.
Првата фестивалска вечер и отворањето на Фестивалот е утре, петок, од 18 часот на Камената бина на плоштадот Александрија во центарот на Прилеп. Доколку временските прилики се непогодни, алтернативно место на отворање е киното „Мис Стон“ при ЦК „Марко Цепенков. Исто така од 18 часот е втората фестивалска вечер, в сабота на 23 мај на Рудина, Долнени. Ако временските прилики не дозволат, ќе се одржи во салата при поранешната општина во селото Долнени. Тога ќе бидат прогласени најдобрите изведувачи и ќе бидат доделени наградите, меѓу кои и Гајдата на Пеце за најдобриот гајдаџија.
мај 22, 2026
