Connect with us

Регион

Пападопулу: Геополитичките причини за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ се исто толку важни како и оние за Украина и Молдавија

Ако постојат геополитички причини за промовирање на ЕУ интеграцијата на Украина и Молдавија, постојат подеднакво важни геополитички причини за промовирање и на интеграцијата на Западен Балкан, порача заменик-министерката за надворешни работи на Грција Александра Пападопулу на панел-дискусија во рамките на конференцијата „Национален акциски план во услови на глобална неизвесност“, нагласувајќи дека Балканот е срцето на Европа и не може да постои црна празнина Европа, јави дописничката на МИА од Атина.

Пападопулу, говорејќи за проширувањето на Европската Унија се осврна и на Западен Балкан, повтори дека „Грција никогаш не престана да биде поддржувач на проширувањето и нема да престане“, бидејќи, како што објасни тоа е непосредното опкружување за нив, но и посочи дека Европа еден поголем период, проширувањето го стави во „задниот вагон“.

– Украина повторно го врати во преден план и во овој контекст има одредени земји како Грција, Италија, Австрија и други, кои јасно им ставивме до знаење на сите дека секако треба да постои европска перспектива и за Украина и Молдавија, но не на товар на Западен Балкан. Ако постојат геополитички причини за промовирање на интеграцијата на Украина и Молдавија, постојат подеднакво важни геополитички причини за промовирање и на интеграцијата на Западен Балкан, нагласи Пападопулу,

Додаде дека Црна Гора е доста блиску до интеграција и со „мал поттик, ќе успее“, но и објасни дека постојат и земји од Западен Балкан, кои не ја завршиле работата што треба да ја завршат, но затоа, како што рече, тука се Европската комисија, но и Грција за да ги водат, да ги насочат, да им помагаат.

– Не верувам дека можеме да имаме Европа со црна празнина во срцето на Европа. Ако ја погледнете мапата, Балканот е срцето на Европа. Како можеме да продолжиме напред имајќи празнина? Тоа не е можно. Мора да влезат. Тие мора да се приклучат на европското семејство, посочи заменик-министерката.

Паралелно објасни дека ЕУ интеграцијата ќе донесе и економска и општествена безбедност, но и ќе помогне „да се спречат злонамерни влијанија што знаеме во моментов дека постојат“.

– Има низа злонамерни влијанија на Западен Балкан. Не е можно да замижуваме и да велиме дека не постојат. Постојат и мора да се справиме, а за тоа не постои друг начин освен европската перспектива, објасни Пападопулу.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1