Регион
Мицотакис: Ситуацијата на Блискиот Исток може да создаде и некои дополнителни можности за грчкиот туризам
За мене, главното прашање останува уделот на пазарот, ако се намали вкупниот „колач“, ние треба да бидеме земјата што ќе биде најмалку погодена од оваа криза. Очигледно живееме во конкурентна средина. Денес веројатно постојат дестинации на Блискиот Исток кои де факто во моментов не се популарни. Ова може да создаде и некои дополнителни можности за грчкиот туризам, посочи премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис говорејќи на Генералното собрание на Сојузот на грчки туристички бизниси (СЕТЕ), јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис се осврна на актуелната ситуација на Блискиот Исток и евентуалното влијание врз грчкиот туризам, објаснувајќи дека она што е важно за следниот период е приспособливоста, отпорноста, брзината на реакција и целосната координација за справување со каква било криза, а за конфликтот посочи дека „никој денес не е во состојба да може да предвиди кога ќе заврши“.
– Сметам дека сите сфаќаат, а особено инволвираните страни дека веќе сме стигнати до точка каде што, доколку овој судир продолжи уште подолг период, последиците врз светската економија ќе бидат исклучително негативни. Затоа мислам дека јасно постојат мотиви за завршување на оваа војна. Исто така, проценувам дека, доколку се потврди позитивното сценарио, како што било случај и во минатото, ќе видиме, би рекол, една вистинска експлозија на она што се нарекува „last minute booking“, односно подготвеност на нашите традиционални посетители да патуваат во нашата земја, но не можам да дадам конкретна процена, објасни Мицотакис.
Додаде дека според податоците, првите два месеци од годинава „беа одлични за земјата“, но во моментов постои одредена „стагнација“.
– Сепак, не чувствувам дека во моментов се соочуваме со некаква голема системска криза во однос на резултатите на грчкиот туризам оваа година. Но, треба да бидеме свесни и да знаеме дека не е секогаш лесно, ниту пак секогаш изводливо, секоја година да одиме од рекорд кон рекорд. Тоа, секако, ќе биде нашата амбиција, секоја година да бидеме подобри, но ќе постојат и неповолни околности кои ќе нè принудуваат да се приспособуваме, посочи Мицотакис.
Минатата година беше рекордна за грчкиот туризам со речиси 38 милиони туристи, за 5,6 отсто повеќе од 2024 година, а приходите за Грција од туризмот беа зголемени за 9,4 проценти и достигнаа 23,6 милијарди евра.
мај 19, 2026
