Connect with us

Култура

Во Кочани почна 63. Драмскиот аматерски фестивал на Македонија

Започна 63. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија. На сцената на ЦК „Бели мугри“ во Кочани синоќа први настапија членовите на Народниот театар Штип, со претставата „Хаос“ на режисерот Александар Ивановски.

Претходно, се одржа кратка свеченост на која зборуваше градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов. Тој фестивалот го прогласи за отворен.

-Повеќе од шест децении, ДАФ во Кочани е магијата со која Кочани живее и овие штици под нас, не се само штица што живот значат, туку се регионално јадро на аматерската театарска уметност и еден од најзначајните столбови на аматерскиот и алтернативниот театар во Македонија – порача Грозданов.

Денеска на ДАФ ќе бидат одиграни две претстави. Во 19 часот на сцената ќе се појават членовите на Позориште „Бора Станковиќ“ од Врање, Србија, со „Грета“ во режија на Милена Стошиќ. Во 21 часот следува „Женидба“ на Училишниот театар „Од игра до претстава“ од Скопје, во режија на Игор Ивковиќ.

Ова година Драмскиот аматерски фестивал се одржува по мотото „Музиката и театарот зборуваат кога зборовите молчат“.

ДАФ 2026 завршува на 20 мај, кога ќе бидат прогласени најуспешните.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1