Забава
Девет милиони долари за вечера со Кари и Бафет
Неидентификувано лице се согласи да плати 9.000.100 долари на хуманитарна аукција за вечера со милијардерот Ворен Бафет и американската кошаркарска ѕвезда Стеф Кари.
Аукцијата на „Ибеј“ (eBay) траеше една недела и заврши во четвртокот.
Бафет, Кари и неговата сопруга Ајеша Кари ќе му се придружат на победникот и уште седум други гости по негов избор на заедничка вечера на 24 јуни во Омаха, Небраска, каде е сместено седиштето на конгломератот на Бафет, „Беркшир Хетевеј (Berkshire Hathaway)“.
Приходот ќе биде распределен на Фондацијата „Глид“ (Glide Foundation) и „Јади. Учи. Играј“ (Eat. Learn. Play).
Двете непрофитни организации објавија дека Бафет ќе ја удвои победничката понуда за секоја од нив, со што вкупната донација ќе достигне околу 27 милиони долари.
„Глид“ е непрофитна организација со седиште во Сан Франциско која им помага на сиромашните, бездомниците и лицата кои се борат со зависности.
Бафет на вкупно 21 аукција во периодот од 2000 до 2022 година донираше околу 53,2 милиони долари за „Глид“, во која волонтираше неговата сопруга Сузан, пред да почине во 2004 година.
„Јади. Учи. Играј.“ е основана од Стеф и Ајеша Кари и се фокусира на хранливи оброци, писменост за децата и одржување на физички активен начин на живот.

