Connect with us

Регион

Герапетритис – Грлиќ Радман: Поддршка за ЕУ перспективата на Западен Балкан

Веруваме дека е дадена нова динамика на политиката на проширување, а Грција, како и Хрватска, имаме придонесено со наши иницијативи, што денес е исклучително важно за зајакнување на отпорноста на Европа, посочи министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис на заедничката прес-конференција со неговиот хрватски колега Гордан – Грлиќ Радман, јави дописничката на МИА од Атина.

Меѓу темите за кои разговарале двајцата министри била и европската перспективата на Западен Балкан, а Герапетритис рече дека со Хрватска, „како партнери во Европската Унија, се усогласени по прашањата од заеднички интерес што се однесуваат на проширувањето, конкурентноста, но и стратешката автономија на ЕУ“.

Шефот на грчката дипломатија истакна дека поради географијата и историјата, даваат особено внимание на Западен Балкан, а на оваа, тема, како што рече, денеска опширно разговарале и уште еднаш повтори дека Грција има амбиција во пресрет на грчкото претседателство со Советот на Европската Унија во втората половина на 2027 година, да биде во можност да направи „вистинско унапредување во процесот на интеграција на Западен Балкан.“

– Грција, како најстара членка на Европската Унија во регионот, останува земја што го забрзува процесот на интеграција на Западен Балкан во европското семејство, врз основа на принципите на исполнети критериуми и индивидуални постигнувања, без притоа да се отстапува од обврската што ја имаат сите заинтересирани држави да го почитуваат европското законодавство, принципите на владеење на правото, меѓународното право и добрососедските односи, посочи Герапетритис.

Шефот на хрватската дипломатија истакна дека е важно да биде кредибилен процесот на проширување на ЕУ и да постои усогласеност со критериумите.

– Патот до стабилност во регионот лежи во усвојување на европските вредност и кредибилна посветеност на реформскиот процес. Промовирањето на регионална стабилност и добрососедски односи се главните принципи на Европската Унија, посочи Грлиќ Радман.

Додаде дека за Хрватска од особена важност е ситуацијата во Босна и Херцеговина.

Двајцата министри разговараа и за низа други теми како што се ситуацијата на Блискиот Исток, поддршката за Украина, но и билатералната економска за која рекоа дека може да се продлабочи во областите на енергетиката, одбраната, транспортот, бродоградбата итн.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1