Connect with us

Свет

Нобеловката Наргес Мохамади е префрлена во болница во Техеран

Иранската добитничка на Нобеловата награда за мир и активистка, Наргес Мохамади, е префрлена во болница во Техеран повеќе од една недела откако се онесвести во затвор, соопшти нејзината фондација, додавајќи дека нејзиниот притвор е привремено суспендиран со кауција, додека нејзиното семејство и соработниците бараат нејзино целосно ослободување и отфрлање на сите обвиненија.

Според соопштението на фондацијата, Мохамади претходно двапати ја изгубила свеста и била префрлена во локална болница на 1 мај, по што подоцна била испратена во Техеран, пренесуваат американските медиуми.

Таа е во затвор од декември, а нејзиното семејство и колегите со денови апелираат да ѝ се обезбеди соодветен третман.

Фондацијата наведува дека привременото суспендирање на казната со кауција не е доволно и дека на Мохамади ѝ е потребна „трајна и специјализирана медицинска нега“.

Во соопштението се нагласува и дека е потребно да се спречи нејзиното враќање во затвор, каде што сè уште има 18 години од казната.

„Сега е време да побараме нејзино безусловно ослободување и отфрлање на сите обвиненија“, се наведува во соопштението на фондацијата.

Мохамади (54), која ги помина поголемиот дел од изминатите две децении во затвор поради својот активизам, беше повторно уапсена во декември 2025 година.

Нејзиниот адвокат, Мостафа Нили, објави во февруари дека Мохамади е осудена на дополнителни седум години затвор за „собирање и заговор за извршување кривични дела“.

Според неговите изјави, таа е осудена на 1,5 година затвор за „пропагандни активности“, како и на протерување во градот Кусф, во источната покраина Јужен Хорасан, во траење од две години.

Исто така, ѝ е забрането да ја напушти земјата во следните две години.

Наргес Мохамади ја доби Нобеловата награда за мир во 2023 година за нејзината борба против угнетувањето на жените во Иран и нејзиното застапување за човекови права и слобода за сите.

Маркетинг
Ad 2
Ad 1