Connect with us

Скопје

Натпревар во вештини за ученици од стручните училишта, организаторите со порака – занаетите нудат перспектива

Занаетчиската комора – Скопје организира Национален натпревар на вештини 2026 во средното сообраќајно училиште (АСУЦ) „Боро Петрушевски“ – Скопје, поддржан од Министерството за образование и наука и Град Скопје и финансиран од Делегацијата на ЕУ во рамките на проект за млади. 

Натпреварот обединува ученици од десет стручни училишта од град Скопје и уште 50 училишта од државата, кои ќе ги покажат своите знаења и практични вештини во 15 стручни профили од областа на занаетчиството. Учениците утре ќе се натпреваруваат во струките фризер, пекар, слаткар, заварувач, автоелектричар, цвеќар, техничар за мебел и ентериер, техничар за козметика и нега… Тричлена комисија ќе ги оценува нивните вештини и најуспешните ќе бидат наградени. 

Горан Ристовски, претседател на Занаетчиската комора – Скопје, изјави дека натпреварот се организира во рамките на проектот „Зајакнување на младите, градење вештини, креирање иднина“, финансиран од ЕУ. 

– Со овој проект акцент се става на учениците од средните стручни училишта и нивниот понатамошен пат на развој и унапредување. Опфатени се и од основните училишта, учениците од осмо и од деветто одделение, кои се исто така потенцијал за запишување во средните стручни училишта. Би сакале да бидат во што поголем број зашто таму се гледа просперитетот на занаетчиството – изјави Ристовски. 

Посочи дека има интерес за запишување на занает со оглед дека во изминатите неколку години соодоност за упис во стручно училиште наспрема гимназија е три наспрема еден. Рече дека во сите дејности има недостиг од квалификуван кадар, но очекува дека со вакви проекти и настани младите сè повеќе ќе бидат задржани во земјата зашто тука ќе имаат перспектива. 

Министерката за образование и наука Весна Јаневска во обраќањето истакна дека со озаконувањето на дуалното образование се регулирани односите меѓу средните училишта и бизнис-секторот и оти е достигнат број од 800 работодавачи, што им овозможуваат на учениците да учат на вистински работни места. 

– Овој број ќе расте бидејќи секоја нова компанија ја гледа конкретната добивка преку подобро обучени кадри и намалени трошоци. Средношколците, кои се определиле за изучување одреден занает, ќе може да продолжат со образованието во високо дуално образование, што се овозможува со новиот закон за високо образование, кој набргу ќе се најде пред пратениците. Целта е да создадеме високообразовани професионалци, подготвени за современиот пазар на труд, кои ќе ги комбинираат стекнатите вештини со академско знаење – рече Јаневска. 

Посочи дека во моментот во 76 јавни средни училишта се реализира стручно образование и дека во тековната учебна година речиси 70 отсто од деветтоодделенците се запишани во стручни училишта. 

Јаневска информира дека за новата учебна 2026/2027 година се обезбедени над 25 илјади ученички места за упис во прва година, од кои 17 илјади во стручно образование, а од нив речиси седум илјади во дуални паралелки.

Според градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, покрај тоа што е натпревар за вештини, настанот е и потврда дека стручното образование има огромна вредност и дека практичните вештини отвораат врати кон сигурна професија, личен развој и достоинствен живот.

– Особено радува фактот што интересот за стручното образование постојано расте. Ученици од голем број училишта во државата активно учествуваа во училишните и регионалните натпревари испраќајќи јасна порака дека младите сè повеќе ги препознаваат перспективите што ги нудат занаетчиството и практичните професии за да имаме повеќе квалификувани кадри, повеќе успешни мали бизниси, повеќе мајстори, иноватори и претприемачи, кои ќе бидат двигатели на развојот – истакна Ѓорѓиевски.

Додаде дека Град Скопје и во иднина ќе го поддржува овој настан преку програмите за локален економски развој, како и преку Стратегијата за развој на занаетчиството 2025 – 2028, изработена во соработка со Занаетчиската комора – Скопје.

Националниот натпревар на вештини го поздрави амбасадорот на ЕУ во земјата, Михалис Рокас, кој посочи дека Стратегијата на ЕУ за млади, за периодот 2019 – 2027, се фокусира токму на ангажирање, поврзување и зајакнување на младите луѓе од цела Европа. Како што истакна, стручното образование ги придвижува економскиот раст и конкурентноста, се фокусира на барањата на пазарот на труд и овозможува полесен премин од училиште кон работната средина.

– Денешниот настан е совршен пример за тоа како во пракса функционираат стручното образование и обуката. Тука имаме ученици од разни образовни профили – од инженери до угостители и сите тие тука имаат можност да ги покажат своите вештини, креатвноста и, најважно од сè, својата посветеност. Но, битно е да се каже дека овој настан не треба да го гледате како натпревар или како меѓусебно конкурирање, туку како прослава на извонредноста и покажување на квалитетот на стручното образование, како инспирација за другите и тие да го следат овој пат – порача евроамбасадорот во државата. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 2