Вести
Сали: Три децении партнерство со ЕУ, време е за резултати
Европската интеграција останува стратешки приоритет на државата. Нашата амбиција е јасна – полноправно членство во Европската Унија, истакна денеска министерот за европски прашања Беким Сали на конференцијата „30 Години на европскиот пат: Северна Македонија – Европска унија – следни чекори“, што се одржа во организација на Дипломатскиот клуб – Скопје и Правниот факултет на УКИМ.
По завршувањето на скрининг процесот, тој нагласи дека фокусот е ставен на забрзана испорака на реформи.
– Триесет години партнерство и 25 години од Спогодбата за стабилизација и асоцијација покажуваат дека нашиот европски пат е јасен и неповратен. Денес, интеграцијата не е само цел – таа е процес на конкретна испорака на резултати, рече Сали.
Тој додаде дека преку реформската агенда и планот за раст, државата веќе обезбедува мерливи резултати во клучните области како владеење на правото, јавната администрација и економското управување. Според министерот, кредибилен процес на проширување бара паралелна посветеност – силна реформска испорака од земјите кандидати и предвидливост од страна на Европската Унија.
Деканот на Правниот факултет Сашо Георгиевски навраќајќи се на минатото, три децении интензивни односи по меѓу Унијата и Република Северна Македонија забележа дека тоа биле години со големи очекувања, постојана нереална надеж и повремени разочарувања од сопствените потфрлања и премногу резлечениот евроинтеграциски процес.
– Се сеќавам на ентузијазмот со кој се одбележа склучувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација среде воената криза низ која помина земјата во 2001 година. Спогодбата беше склучена шест години од воспоставувањето на дипломатските односи, години во кои ние бевме со огромно очекување дека ќе бидеме вклучени во групата држави кои беа примени во 2004 година. Не реално очекување гледано од оваа перспектива. Спогодбата ја склучивме, први и ентузиазмот беше толку голем, што на потпишувањето одовде отиде огромна делегација за која требаше цел авион, рече Георгиевски.
За самитот во Порто Карас во 2003 година истакна дека кај нас вродил надеж за забрзано пристапување на земјата во Европската Унија.
– Нормално дојде 2005 година, го добивме кандидатскиот статус, тоа ја зголеми самодовербата кај нас. И тој процес претпоставуваше една огромна мобилизација на општествено ниво. И оттогаш почна застојот на патот наш кон Европската Унија, застој кој со поголеми осцилации горе или доле не прати до денешен ден, додаде Георгиевски.
Во изминатите 30 години нагласи дека две работи се провлекуваат константно.
– Од една страна, константна е постојаната подршка која македонските граѓани ја дават на евроинтеграцискиот процес заедно со вербата која постои, вербата во европската иднина, на нашата земја е како единствена алтернатива која постои кај сите општествени чинители. Другата константа која би ја издвоил е постојаната подршка која Република Северна Македонија во континуитет ја добива од Европската Унија, заедно и со другите земји кои се во процесот, преку различни рамки и механизми кои беа создавани овие 30 години, истакна Георгиевски.
мај 7, 2026

