Свет
Каш Пател ја продолжува правната битка со „Атлантик“ по написот за наводни проблеми со алкохолот, ФБИ негира истрага
Федералното истражно биро (ФБИ) започна истрага за протекување информации што доведоа до објавување текст во кој се тврди дека директорот на агенцијата, Каш Пател, имал проблеми со алкохолот, објави телевизискиот канал Ем-Ес-Ен-Би-Си (MSNBC), повикувајќи се на информации од Франс прес.
Пател во април поднесе тужба за клевета против списанието „Атлантик“ и новинарката Сара Фицпатрик, авторка на текстот во кој се наведува дека неговата позиција на чело на ФБИ била „доведена во прашање поради епизоди на прекумерна консумација на алкохол“ и „необјаснети отсуства“.
– Доколку се потврди дека ФБИ води кривична истрага за протекување информации насочена кон нашата новинарка, тоа би претставувало напад врз слободата на медиумите и Првиот амандман на Уставот, кој ја гарантира слободата на говорот – изјави главниот уредник на „Атлантик“, Џефри Голдберг. Тој додаде дека нема да дозволат да бидат заплашувани со незаконски истраги или други форми на политички мотивирана репресија.
На барање на Франс прес за коментар, портпаролот на ФБИ категорично негираше дека постои таква истрага.
– Ова е целосно неточно. Таква истрага не постои и новинарката што ја споменувате не е предмет на никаква истрага – изјави портпаролот. Тој ги обвини медиумите дека се претставуваат како жртви, известувајќи за непостоечки истраги секогаш кога нивните анонимни извори се оспоруваат.
Во тужбата за клевета против „Атлантик“, Пател ја опишува објавата како „клеветнички, злонамерен и обвинителен напад“ и ја критикува новинарката за користење анонимни извори.
мај 7, 2026

