Connect with us

Свет

Киев: Москва го прекрши примирјето, напади врз повеќе градови

Украина ја обвини Русија за прекршување на примирјето прогласено од претседателот Володимир Зеленски, кое стапи во сила на полноќ, при што едно лице загина, а три се повредени во северните и во источните делови на земјата.

„Русија го прекрши примирјето што го прогласи Украина на полноќ, меѓу 5 и 6 мај“, напиша украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, на платформата „Икс“. Тој наведе дека руските напади продолжиле во текот на ноќта, вклучувајќи ги и утринските удари врз Харков и Запорожје.

„Ова покажува дека Русија го отфрла мирот и дека нејзините лажни повици за примирје на 9 мај немаат никаква врска со дипломатијата“, напиша Сибиха, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин „се интересира само за воени паради, а не за човечки животи“.

Русија најави сопствено примирје од 8 до 9 мај, по повод одбележувањето на победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна и воената парада на Црвениот плоштад во Москва.

Украина предложи примирје со неопределено времетраење, кое започна во 00:00 часот, повикувајќи ја Русија да го возврати чекорот. Зеленски изјави дека Украина од тој момент ќе постапува „симетрично“.

Началникот на Запорошката обласна воена администрација, Иван Федоров, утрово соопшти за руски напад врз индустриски комплекс во регионот, и покрај стапувањето во сила на прекинот на огнот прогласен од Киев. Вчера беше соопштено дека во нападот врз градот Запорожје загинале 12 лица.

Военото воздухопловство на Украина издаде повеќе предупредувања за беспилотни летала и за лансирање наведувани авиобомби по полноќ. Денеска оттаму соопштија дека Русија лансирала две балистички ракети, една крстосувачка ракета и 108 беспилотни летала кон различни делови на земјата во периодот од 18:00 часот синоќа до утрово.

Едно лице загина при руски напад со дрон врз цивилно возило во Сумската Област, при што е повреден и возачот, соопшти претседателот на регионалната воена администрација, Олег Григоров.

Во Харков, вториот по големина град во Украина, напад со дрон оштети седум станбени згради, изјави градоначалникот Игор Терехов. Една жена претрпела шок, а еден маж побарал медицинска помош, соопшти регионалниот гувернер Олег Синегубов.

Градот Криви Рог во Днепропетровската Област исто така беше цел на напад со дронови, при што беа оштетени инфраструктурни објекти, изјави раководителот на градската воена администрација, Олександр Вилкул.

Русија вчера изврши повеќе напади врз Украина, само неколку часа пред стапувањето во сила на предложеното примирје од Киев, при што загинаа најмалку 27 лица, според податоците на украинските власти. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 3