Connect with us

Свет

Стармер, Макрон и Мерц ги осудија иранските напади врз ОАЕ

Британскиот премиер Кир Стармер синоќа ги осуди иранските напади со дронови и ракети врз Обединетите Арапски Емирати.

Тој го повика Иран да се ангажира во дипломатија за да се спречи понатамошна ескалација на Блискиот Исток, се вели во соопштението од кабинетот на британскиот премиер.

„Стоиме солидарно со ОАЕ и ќе продолжиме да ја поддржуваме одбраната на нашите партнери во Заливот. Оваа ескалација мора да престане. Иран мора да се вклучи во суштински и значајни преговори за да се гарантира продолжување на примирјето на Блискиот Исток и да се постигне долгорочно дипломатско решение“, изјави Стармер.

Францускиот претседател Емануел Макрон ги нарече иранските напади врз ОАЕ „неприфатливи“.

„Денешните ирански напади врз цивилната инфраструктура на Емиратите се неоправдани и неприфатливи“, напиша Макрон доцна синоќа на Х, уверувајќи ги ОАЕ во поддршката на Франција. Тој повика на отворање на Ормуската Теснина и гарантирање на безбедноста на државите во регионот.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ги повика властите на Иран да се вратат на преговорите.

„Техеран мора да се врати на преговарачката маса и да престане да ги држи регионот и целиот свет како заложници – блокадата на Ормуската Теснина мора да биде прекината“, напиша Мерц на Х.

„Техеран не смее да се стекне со нуклеарно оружје. Не смее да има повеќе закани или напади врз нашите партнери“, додаде тој. „Најостро ги осудуваме овие напади. Нашата солидарност е со народот на ОАЕ и нашите партнери во регионот“, напиша уште Мерц. 

Маркетинг
Ad 4
Ad 2