Култура
Концерт на флејтистката Светле Васковска во Музеј на македонската борба
Музичка младина на Македонија продолжува со концертната серија „Млади за млади“, дел од програмата „Млад музички албум“. Вечерва, во 19:00 часот, ќе се одржи концерт во Музеј на македонската борба во Скопје, каде ќе настапи младата флејтистка Светле Васковска, во соработка со пијанистката Билјана Петровска како уметнички соработник.
Светле Васковска (2007, Скопје) своето музичко образование го започнува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во класата на проф. Наташа Еленова. Таа е добитник на бројни државни и меѓународни награди, вклучително и први и специјални награди, како и признанието „Млади таленти“.
Во текот на своето образование активно учествува на семинари и мастер-класови кај истакнати педагози како Елена Стојческа, Дејан Гавриќ, Аленка Зупан и Страшо Темков, како и на обуки за Александер техника.
Во 2026 година е стипендист на престижни меѓународни програми, меѓу кои Interlochen Arts Camp во САД и Oxford Summer Flute Camp во Велика Британија.
Како изведувач, Васковска има реализирано бројни настапи во земјата и во странство, вклучително во Словенија, Црна Гора, САД и Велика Британија. Меѓу позначајните се издвојуваат концертот „Музичка вечност“ во Кабинетот на Претседателот, како и настапот во рамки на оркестарот на Interlochen Arts Camp, каде настапува со светски познатиот пијанист Ланг Ланг.
Концертот е дел од програмата „Млад музички албум“, поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, чија цел е да обезбеди континуирана поддршка и сцена за млади музички уметници.
мај 4, 2026

