Регион
Бугарија: Новоизбраното Народно собрание почна со работа, ќе има шест пратенички групи и претседател од „Прогресивна Бугарија“ – Михаела Доцова
Пратениците од 52-то Народно собрание на Бугарија положија заклетва. На првата свечена седница за претседател на парламентот беше избрана Михаела Доцова од „Прогресивна Бугарија“ (ПБ). Беа конституирани шест пратенички групи и беа избрани шестмина потпретседатели на Народното собрание. „Продолжуваме со промената“ и „Демократска Бугарија“ регистрираа две посебни пратенички групи.
Пред отворањето на седницата се регистрираа 239 народни пратеници. Еден од новоизбраните пратеници не положи заклетва поради здравствени проблеми – Љубен Дилов од ГЕРБ-СДС. Во новиот парламент за првпат влезе и куче водич – на слепиот пратеник Иван Јанев од ПБ.
По утврдувањето на кворумот, највозрасниот присутен пратеник Румен Миланов од „Прогресивна Бугарија“ ја отвори првата седница на новоизбраниот парламент. Овој парламент започнува по тежок период, луѓето се уморни од празни ветувања, нивната порака е јасна – сакаат дела, стабилност и јасни решенија кои ќе се почувствуваат во нивните животи, изјави Миланов во својот говор.
Парламентот мора да пристапи кон гласање на буџетот за 2026 година, им порача претседателката Илијана Јотова на пратениците. Големата цел на сите е да се справиме со разликите и недостатокот на правда, додаде Јотова.
Очекувам новите власти да не попуштат, изјави пред новинарите техничкиот премиер Андреј Ѓуров.
За претседател на Народното собрание беа предложени двајца кандидати – Михаела Доцова од ПБ и Петар Петров од „Преродба“. Доцова беше избрана со гласовите на ПБ, ГЕРБ-СДС и ДПС, додека од „Продолжуваме со промената“, „Демократска Бугарија“ и „Преродба“ беа воздржани.
Предизвикот пред нас е да ги вратиме добрите практики на бугарското законодавство, да го направиме процесот предвидлив наместо избрзан, и тој да се заснова на дебата, а не на процедурален формализам, изјави во својот говор новоизбраната претседателка на парламентот Михаела Доцова пред да го преземе раководењето со седницата.
Се надевам дека владата ќе биде подготвена со својот состав и структура пред 15 мај, бидејќи има многу работа. Има многу одложени реформи, изјави лидерот на ПБ, Румен Радев, пред седницата.
Опозицијата мора да ја исполнува улогата на алтернатива, бидејќи на секое управување му е потребен контрапункт, изјави Томислав Дончев од ГЕРБ-СДС. Од ДПС изјавија дека ќе ја извршуваат својата улога како конструктивна и одговорна опозиција.
Нашиот фокус како опозиција е да се обидеме да реализираме некои од нашите приоритети – судската реформа и друго, како и будно да го следиме однесувањето на власта, коментираше претседателот на „Демократи за силна Бугарија“, Атанас Атанасов.
Најважно во денешниот ден е за што ќе работи секој пратеник, рече претседателот на „Продолжуваме со промената“, Асен Василев. Ќе бидеме конструктивни, ќе поддржиме сè што е насочено кон луѓето и кон зајакнување на бугарската државност во целина, изјави Цончо Ганев од „Преродба“.
Во изјавите на политичките сили при отворањето на 52-то Народно собрание се слушнаа најави за одговорност, поддршка, активност, конструктивност и совест. Пратеничките групи објавија дека веќе ги поднеле првите нацрт-закони во собраниската архива.
Следната редовна пленарна седница е на 7 мај, четврток, од 9:00 часот, објави претседателката на Народното собрание Михаела Доцова пред да го означи крајот на првата седница на новиот бугарски парламент.
мај 1, 2026

