Култура
Претставата „Западен експрес“ премиерно на сцената на МНТ
Претставата „Западен експрес“ работена по текст на романскиот автор Матеј Вишњек, во режија на Јари Јутинен премиерно ќе биде изведена утре во 20 часот на сцената на Македонскиот народен театар, која е копродукција меѓу МИ Филм, Sadsongskomplex:fi и Македонскиот народен театар.
Во претставата играат Ивица Димитријевиќ, Мирјана Трпковска-Костовска и Васко Костовски. Сценографијата и костимографијата се на Кристина Божурска. Музиката ја потпишува Јане Трајковски, кој во претставата ќе свири во живо.
Директорот на МНТ, Никола Кимовски на денешната прес-конференција истакна дека делото отвора силни актуелни прашања за односот помеѓу Истокот и Западот, за миграцијата, за стремежот кон една идеализирана чисто недостижна иднина.
Претставата, како што потенцира, преку својата комплексна структура и силна сценска слика ги поставува гледачите пред прашања за идентитетот, припадноста и современите општествени движења, но и за личните колективни илузии што не водат.
-Ова за нас претставува уште еден важен пример за регионална и европска соработка во соработка на современиот театар. Овој тип на партнерства, не само што ја зајакнуваат размената на уметнички искуства, туку отвораат простор за ново сценски јазици и перспективи. За МНТ, ваквите проекти се есенцијални затоа што го позиционираат театарот како активен учесник во современите европски културни текови. Особено ми е драго што на сцената на МНТ се обединуваат уметници од различни средини, носејќи различен театарски светоглед и создавајќи дело кое зборува јасно, суштински, директно и храбро за светот во кој живееме – рече Кимовски.

Режисерот Јутинен нагласи дека многу е задоволен од соработката со МНТ, МИ Филм и сите кои биле инволвирани во процесот на претставата.
-Многу сум задоволен и среќен што ја започнавме оваа соработка на културно поле помеѓу нашите две земји Македонија и Финска. И се надевам дека оваа соработка ќе продолжи – рече Јутинен.

Актерот Ивица Димитријевиќ потенцира дека најбитно е театарот да комуницира со други театри.
-Доволно знаеме колку можеме и колку сме добри во нашава држава, но мислам дека е многу е битно да ги мериме силите со луѓето од надвор. И да учиме нови работи, но и ние да им покажеме некои работи од нас кои излегуваат. И уште кога Јари предложи да го работиме овој текст, јас откако го прочитав веднаш се закачив за едни две сцени. Една сцена ќе ја гледате во претставата, таму има една сцена каде што еден старец не ги сака границите и зборува против границите и мислам дека токму со овој проект тоа го правиме – ги рушиме границите. Во театарот, во културата, не постојат граници.
Актерката Мирјана Трпковска-Костовска истакна дека публиката ќе има можност да погледне една претстава во која што силно се чувствува стремежот за подобро утре, желбата за подобар живот и илузијата кои ја создаваме дека западниот свет е решението за се. Оваа драма, како што рече, функционира низ еден колективен лик – општеството. Потенцира дека сите ликови ја градат големата слика и не постои централен лик во претставата.
април 30, 2026

