Connect with us

Култура

Промовирана збирката колумни „Никогаш не се расправај со идиоти” од Звонимир Јанкуловски

Во присуство на голем број колеги, пријатели и почитувачи на пишаниот збор, вечерва беше промовирана книгата „Никогаш не се расправај со идиоти“ од професорот Звонимир Јанкуловски. Станува збор за збирка на внимателно одбрани колумни, која, како што беше речено, претставува едноставно патување низ времето преку настаните кои оставија траги и траен белег во поновата македонска историја.

Промотори беа новинарите Дејан Николовски и Александар Дамовски, долгогодишни пријатели на Јанкуловски, но и уредници на медиумите во кои тој ги објавувал своите колумни.

-Колумните на Јанкуловски се сведоштва за едно време, огледало на едно општество и глас на една совест што не молчи, интересни и интригантни четива, облагородени со литературни, стилски фигури и филозофски мисли, кои нè потсетуваат на она што не треба никогаш да го заборавиме, но и кои нè подучуваат како да се подобриме од поминатите горки искуства- рече Николовски.

Според него, книгата на професорот Јанкуловски е хроника на едно време, но и сведоштво дека кога силниот збор ќе најде вистински простор, колумната престанува да биде новинарски жанр и станува литература.

-Голема е честа за „Нетпрес“ како медиум што е дел од креативната приказна на професорот Јанкуловски. Речиси половина од страниците на оваа негова книга, ова негово литературно чедо, се исполнети со колумни кои тој ги објавил на Нетпрес, во двата периоди од заедната соработка. Првиот период од 2019-та до 2020-та и вториот кој почна во 2024 година и сè уште трае. Точно 78 внимателно одбрани колумни објавени на „Нетпрес“ се опфатени во книгата, истакна Николовски.

Дамовски се присети на соработката со Јанкуловски во весникот „Дневник“.

-Тогаш колумните се носеа на диск, а по секое негово доаѓање останувавме уште малку да разговараме за актуелните состојби во земјата. Зборувам за периодот од ’96 година наваму. И тогаш како и денес ме воодушевуваше неговиот начин на гледање на работите, од една поширока перспектива, над дневната врева, со аналитичност и смиреност на вистински професор кој не наметнува став, туку ве тера да размислувате. И тој поглед остана непроменет до денес во неговите колумни, не затоа што тој се повторува, туку зашто ние како општество премалку сме научиле. Истите слабости, истите грешки, истите политички болести упорно се враќаат. А дијагнозите што со години ги поставуваат луѓето како него, остануваат без вистински одговор, особено кога станува збор за политиката каде што лекувањето очигледно најтешко ни оди, рече Дамовски.

Затоа, дополни, се важни интелектуалците, не оние што мудро молчат за да не си ја нарушат удобноста, кариерата или амбициите, туку оние што чувствуваат должност јавно да зборуваат кога општеството оди во погрешна насока.

-Такви, за жал, никогаш немало многу. Најлесно е да се повлечете, да премолчите, да се насмевнете кисело и да продолжите понатаму. Многу потешко е да зборувате отворено, принципиелно и без калкулации. Токму тоа го има кај Јанкуловски. Кај него нема дневно-политичко навивање, нема лични пресметки, нема пресметаност, има искрена желба за подобро општество, за напредок, за корекција на грешките, за достоинство и интегритет. Во текстовите не зборува само професорот, ниту само дипломатот, зборува човек што длабоко се грижи за земјата. И затоа оваа книга не е само збирка колумни, таа е трага од едно континуирано, чесно и интелектуално сведоштво за нашето време, подвлече Дамовски.

Авторот ја квалификува книгата како капсулиран начин на размислување за времето во кое колумните се создавани, како мемориски фолдер што останува.

– Книгата дојде како резултат на хаварија која ми се случи во животот и кога сфаќате дека она што го работите треба да остане, да оставите трага зад себе за се што сте го пишувале и што сте го размислувале во текот на својот академски и животен развој. Насловот не е случајно избран затоа што Македонија се движи кон фаза на идиократија каде што секој мисли дека може сè. Тоа е онаа болест во македонското општество – оние корисни идиоти кои служат за определена цел и потоа исчезнуваат. Така е во политиката, така е во животот, така е во сите сфери на општественото живеење, затоа сакав да им дадам внимание, да обрнам внимание на проблемите со кои македонското општество се соочува, потенцира Јанкуловски.

Периодот на 90-тите години, додаде, беше време на ентузијазам и надежи.

– Потоа дојде време на разочарување дека работите се повторуваат во еден цикличен процес на непроменливост. Мислам дека книгата ќе биде интересно четиво за оние што ќе дојдат после нас да имаат определена слика, зашто отсликува периоди кои се многу интересни во развојот на државата, особено периодот на промените кои се случуваа во почетокот на 20. век, кога некои работи се случуваа во Македонија за кои сè уште немаме одговори, меѓутоа тогаш мислев дека ги имам, но очигледно сè уште ги барам, рече професорот Јанкуловски.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1