Connect with us

Култура

Објавена „Светлосни записи“ – нова книга на националниот мајстор на фотографијата Цветан Гавровски

„Матица македонска“ ја објави монографската публикација „Светлосни записи“ – нова книга од Цветан Гавровски, национален мајстор на фотографијата и ЕФИАП (Excellence FIAP) на Светската федерација на фотографска уметност. Станува збор за издание коешто по својот формат и содржина е ретко во македонскиот културен простор – на 390 страници, со двата циклуса, црно-бело и колор се репродуцирани околу 200 авторски фотографии.

– Книгите од овој тип, особено од автори како Цветан Гавровски, се незаменливо „помагало“ во нашето разбирање на фотографијата и нејзиното прифаќање како дел од уметничкото семејство на визуелните уметности. Во конкретниот случај, фотографиите на Гавровски ни ја откриваат таканаречената лајф или улична фотографија во сета нејзина величественост. Покрај портретот, тој фотографски жанр е веројатно првороденото дете на новооткриениот медиум наречен фотографија, задоволувајќи ја потребата на човекот да го овековечи своето опкружување, светот односно животот околу него, истакнува меѓу другото историчарот на уметноста и ликовен критичар, Златко Теодосиевски, во поговорот на книгата.

Книгата „Светлосни записи“ е на македонски и на англиски јазик со што е достапна за поширока публика и отвора можност за интеркултурен дијалог преку визуелна уметност, а истовремено и натамошна афирмација на достелите на македонската фотографија, преку опитот на нашиот национален мајстор на фотографијата.

Во воведниот текст на книгата е автороското видување на фотографијата како ликовно изразно средство, за моќта на фотографијата, размислите за вештачката интелигенција во фотографијата… За фотографиите е даден краток наратив кој не конкурира на визуелниот запис. Книгата содржи и извадоци од написи за фотографиите на Гавровски од ликовни уметници и историчари на уметноста.

Цветан Гавровски (1947) е доктор на технички науки од областа на електрониката. Во професионалната кариера беше редовн професор а Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Арт фотографијата е негова длабока посветеност, патување, и уметничка визија која се развива низ времето и просторот. Учествувал на над 200 групни изложби во светот. Автор е на 15 самостојни изложби и добитник на бројни престижни награди на меѓународни компетитивни салони. Ја претставуваше македонската фотографија со фотографии во колекциите на светските изложби во Кина (1997, 2006), Швајцарија (1999), Италија (2001), Унгарија (2004), Луксембург (2004), Словачка (2008), Ирска (2009), Индонезија (2015), Кореја (2016), Шпанија (2012, 2019). Во 2020 година, „Матица македонска“ ја објави неговата книга „Сликање со светлина“.