Култура
Се реставрира црквата „Свето Преображение“ во Ербеле, албанско село некогаш населено со многу Македонци

Почна реставрацијата на црквата „Свето Преображение“ во селото Ербеле, област Поле или Долни Дебар, кое се наоѓа во близина на албанско – македонската граница кај Дебар, еден од најстарите и најуникатните споменици на културното наследство, кој од албанските власти во 1970 година е прогласен за споменик на културата од прва категорија.
Работите ги изведува Националниот институт за културно наследство на Албанија (IKTK), а вклучува структурни интервенции во темелите на црквата, реставрација на оштетената фасада, санација на пукнатини, реставрација на камениот под и зачувување на оригиналните елементи на таванот и ѕидните икони.
-За оваа цел одобрени се средства во износ од околу 30 илјади евра, а работите се очекува да завршат за два месеца. Овој проект е дел од напорите за спасување и промоција на реткото културно наследство што се наоѓа во руралните средини на земјата. Црквата се наоѓа на висок рид југозападно од селото Ербеле, датира од 12 век и вклучува елементи што припаѓаат на периодот пред османлиското освојување, објави Националниот институт.
Познатото македонско древно светилиште, Бигорски манастир во 2018 година и подари 12 икони на црквата, по средбата што Епископ Антаниски г. Партениј ја оствари со Никола Ѓурѓај претседател на Македонското друштво „Илинден“-Тирана.
Некогаш во селото имало многу македонски семејства, но се иселиле па денес се две кои постојано живеат тука. Едно од нив е семејството на Ернест Постоли, кое се гижи за црквата. Велат дека и понатаму ќе се грижат за овој божји храм, палат кандило спроти петок, недела, празник за да не остане во мрак.
Патронот на црквата е 19 август, кога поранешните жители и нивни потомци, каде и да се иселени, доаѓаат заедно да го одбележат.
август 11, 2025