Култура
Отворен Осмиот меѓународен симпозиум по археологија на тема „Теракота и грнчарија – Од Енкиду до зграфито“
Синоќа во Струмица беше официјално отворен Осмиот меѓународен симпозиум по археологија на тема „Теракота и грнчарија – Од Енкиду до зграфито“, во организација на Националната установа „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица“, со поддршка од Министерството за култура и туризам.
На тридневниот научен собир учествуваат дваесет археолози од седум држави, меѓу кои и истакнати македонски и странски истражувачи, кои ќе презентираат вкупно 16 научни трудови.
На отворањето присуствуваа бројни гости, меѓу кои домашни и странски археолози, универзитетски професори, истражувачи и претставници на културни институции. Присутните ги поздрави директорот на НУ „Завод и Музеј – Струмица“, Бранко Ѓоргиев, кој истакна дека континуираното одржување на овој симпозиум претставува доказ за сериозниот и посветен пристап кон археолошката наука и за значењето што Струмица го има како регионален центар на културното наследство.
Во рамки на свеченото отворање беа претставени и главните цели на симпозиумот- поттикнување академска дискусија за потеклото, развојот и културното значење на керамиката низ различни епохи и цивилизации, како и размена на современи научни сознанија и археолошки интерпретации.
Осмиот меѓународен симпозиум по археологија ќе трае до задутре.
ноември 7, 2025

