Свет
Во Германија уапсен Романец кој со крв цртал свастики по автомобили и ѕидови
Полицијата во градот Ханау, во сојузната држава Хесен, уапсила 31-годишен маж поради цртање „свастики“ со крв по автомобили и фасади.
Според соопштението на полицијата, осомничениот е 31-годишен романски државјанин се сомничи за дело кое го сторил како „можна спонтана реакција“ на проблеми на работа. Тој ги цртал свастиките со сопствената крв, а во моментот на апсењето имал 1,2 промили алкохол во крвта. По апсењето, бил однесен во психијатриска установа.
Според сведоци и како што пренесуваат германските медиуми, 31-годишниот Романец имал проблеми на работа, а неговиот чин се толкува како реакција на тие проблеми. Полицијата отвори истрага за прикажување забранети симболи и оштетување на имот.
Градот Ханау е чувствителен на инциденти од десничарски екстремисти по масакрот во 2020 година, кога десничарски екстремист уби девет граѓани со странско потекло.
ноември 7, 2025

