Свет
ЕК и ЕП не постигнаа договор околу следната буџетска рамка на ЕУ
Средбата меѓу претставници на Европската комисија и Европскиот парламент посветена на усогласување на ставовите околу Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година, вредна 2.000 милијарди евра, заврши доцна синоќа без договор.
Главната забелешка на европратениците се однесува на предлогот на Комисијата за спојување на фондовите за субвенционирање на регионалниот развој и земјоделството во единствени „национални и регионални планови за партнерство“ во вредност од 865 милијарди евра.
Средбата се одржи откако минатата недела пратеничките групи на Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), либералната Да ја обновиме Европа (РЕ) и Зелените со заедничко писмо се заканија дека ќе ги блокираат преговорите за следната буџетска рамка, доколку во неа не бидат извршат значајни промени.
– Европскиот парламент не може да го прифати ваквиот предлог како основа за започнување преговори, беше наведено во писмото на четирите групи упатено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое тие поставија рок бараните измени да бидат извршени најдоцна до 12 ноември, кога Предлог-финансиската рамка треба да се најде на дебата во Европскиот парламент.
Дополнително, свое писмо со забелешки и барања за измени на Предлог-буџетската рамка до Еврокомисијата упати и групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР).
По синоќешната средба, на која присуствуваа лидерите на пратеничките групи во ЕП и главните парламентарни преговарачи за буџетот, еврокомесарот за буџет Пјотр Серафин рече дека Европската комисија ќе разгледа некои „законски измени за да се одговори на загриженоста на пратениците“, но не прецизира дали тоа значи и дека е подготвена да прифати измени во предложениот буџет.
Од друга страна, претставници на ЕП изјавија дека „има напредок“ и дека би можело да биде постигнат некаков договор до следната недела.
Главниот преговарач на ЕП за буџетот, европратеникот од редовите на ЕПП, Зигфрид Мурешан изјави дека од ЕК добиле „изјави за намери“ да се приспособи предлогот на барањата на Парламентот, но дека тоа сепак не е доволно.
Со цел да се излезе од ќорсокакот Данското претседателство со ЕУ, според дипломатски извори, подготвува предлог со кој се предвидува за „најчувствителните прашања“ од буџетот да се преговара на највисоко политичко ниво меѓу трите главни институции на блокот – Советот, ЕК и ЕП, додека за останатите прашања решение да се најде преку преговори на техничко ниво.
Се очекува ваквиот предлог да се најде на следното заседание на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер).
ноември 7, 2025

