Култура
Доделена наградата „Оливера Николова“ за романот за деца „Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски
Во книжарницата „Литература.мк“ вечерва беше доделена книжевната награда „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2025 година. Добитник на наградата е Ермис Лафазановски за романот „Џинџуџе“.
Наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“, со жири-комисија во состав Оливера Ќорвезировска, Јагода Михајловска – Георгиева и Весна Мојсова – Чепишевска.
Михајловска-Георгиева изјави дека изборот бил особено квалитетен и дека, покрај делото на Лафазановски, во потесниот избор бил и роман на Сашо Кокаланов. – Се радувам што повеќе етаблирани автори се одважија да пишуваат за деца и млади. Имавме дилема меѓу двата романи, но на крај одлучивме наградата да му припадне на Ермис, рече таа.
Процесот на избирање, додаде, за неа бил инспиративен, особено поради фактот што, откако го објавиле конкурсот постоела загриженост меѓу жири-комисијата дали ќе има доволно квалитетни романи за бирање, но, како што рече, сите романи биле убави и вредни дела.
– Изборот за овој роман беше различен од сите претходни искуства каде сум била дел од жири-комисија. Се радував на секој нов ракопис којшто го ставав како фаворит. Се радувам на веќе етаблираните автори кои се одважија да напишат роман за деца и млади, кои за првпат се пробаа во овој жанр. Бевме загрижени дали ќе има доволно квалитетни романи за бирање, но се покажа дека имаше навистина многу убави и вредни дела. Дилемата беше помеѓу Ермис Лафазановски и Сашо Кокаланов, но на крај одлучивме наградата да му припадне на Ермис, изјави Михајловска – Георгиева.
„Џинџуџе“ е прво дело за деца и млади на Лафазановски. Како што појасни Ќорвезировска, станува збор за модерна бајка за потрагата по среќа, сместена во современ контекст и на домашен простор. – Џинџуџе е заедничко име на двајца најдобри пријатели, односно џинот и џуџето кои функционираат како едно суштество, а зближени се по принципот на разлики и контрасти, рече Ќорвезировска.
На конкурсот за наградата, како што информира таа, пристигнале 38 ракописи од 37 автори, а вториот конкурс за наградата веќе е распишан и ќе трае до 11 јануари 2026 година
Наградата „Оливера Николова“ е востановена на 11 март годинава, на роденденот на писателката, која почина на 3 ноември 2024 година.
ноември 6, 2025

