Connect with us

Култура

Со претставата „Лекција“ се затвора 22. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби 2025“

Со театарската претстава „Лекција“ од авторот Ежен Јонеско, во продукција на МОУШН Нетворк и копродукција со Националната установа Центар за култура „Ацо Шопов“ – Театар Штип, вечерва во 20 часот на големата сцена на Велешкиот театар ќе биде затворен 22. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби 2025“.

На завршната вечер ќе бидат врачени и традиционалните фестивалски награди – статуетките за најдобра женска и машка улога, за најдобра режија и Гран при за најдобра претстава на фестивалот.

За наградите одлучува жири-комисијата во состав: Фаик Мефаиловски, Јордан Витанов и Кристина Атанасова Арсова.

Претставата „Лекција“ е во превод на Калиопа Петрушевска, а режијата е на Ѓорѓи Ризески. Кореограф е Бојан Мицев, музички композитор Антонио Ристески, а сценографијата ја потпишуваат Ефтим Трајчов Ѓаурски и Ѓорѓи Ризески.

Во претставата настапуваат актерите Ефтим Трајчов Ѓаурски, Димитрина Мицкоска Трајкоска и Милорад Ангелов.

Во рамките на фестивалската програма, синоќа на големата сцена на Велешкиот театар беше одиграна претставата „Ифигенија за ништо“ во изведба на Националната установа Драмски театар – Скопје, според мотиви од „Ифигенија во Авлида“ од Еврипид, во режија и кореографија на Филип Петковски.

Публиката со долготраен аплауз ги награди актерите Нина Елзесер, Димитрија Доксевски, Јелена Жугиќ, Филип Трајковски, Стефан Вујисиќ, Марјан Наумов, Сара Климовска, Томислав Давидовски и други.

Со вечерашната изведба и доделувањето на наградите, завршува уште едно издание на фестивалот „Стоби“, кое во изминатите денови донесе богата програма со современи толкувања на античката драма и интерпретации на класичните автори. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 1