Култура
Седмо издание на „Андерфест“ – рок, дух и автентична сцена
„Андерфест“, еден од најпрепознатливите фестивали за алтернативен рок кај нас, ја најави програмата за своето седмо издание. Настанот ќе се одржи во петок на 7 ноември во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. И ова издание ветува вечер исполнета со моќна енергија, автентична музика и врвни настапи.
„’Андерфест’ со годините изгради статус на фестивал што ги спојува најдобрите имиња од домашната алтернативна сцена, создавајќи уникатно музичко искуство за сите љубители на рокот и неговите поджанрови. Оваа година, публиката ќе има можност да ги чуе и види „Лост ин ревери“, „Аудиоцигла“, „Димиш“, „Занаду“, „Деменси“, „Големата вода“ и „Новиот почеток“ – бендови кои носат свеж звук, различни емоции и препознатлив сценски настап“, соопшти организаторот.
Се најавуваат уште повисоко ниво на продукција, динамична атмосфера и простор каде што ќе се слави вистинскиот дух на независната музичка сцена.
За многумина, „Андерфест“ е повеќе од фестивал – тоа е традиција, движење и заедница што ја поттикнува домашната рок култура. Билетите се пуштени во продажба преку страницата на „Другата страна“.
ноември 6, 2025

