Connect with us

Култура

Се одржа “Даскалско кафе” во Крива Паланка

Интерактивни методи за активни ученици беше темата на првото „Даскалско кафе”, што се одржа во просториите на Европската куќа Крива Паланка, на кое присуствуваа околу 25 наставници од Крива Паланка, разменувајќи  идеи, искуства и добри практики за примена на интерактивни методи и игра во наставата. Настанот го организираше клубот на наставници, а модератор беше наставник -ментор Лариса Жулина-Митовски од основното општинско училиште „Свети Јоаким Крчовски”, Крива Паланка.

-Настанот беше наменет за наставниците од основното и средното образование и посветен на споделување на искуства и добри практики за примената на играта како иновативен метод во наставата. Наставниците имаа можност да презентираат креативни идеи и примери од својата работа кои поттикнуваат активност, соработка и развивање на креативност кај учениците. Овој несекојдневен настан обедини наставници од четири училишта: ООУ „Свети Јоаким Крчовски и ООУ „Илинден“, двете од Крива Паланка, ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“ од Ранковце и СОУ „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка. Секој од нив придонесе со оригинални идеи и примери од праксата, покажувајќи дека иновативната и креативна настава е реалност што може да се создава секојдневно, рече Жулина -Митовски.

Ова беше прв ваков настан во градот, а следната средба ќе биде посветена на дигиталните алатки во наставата и методите за креативна мотивација на учениците.

-Овој собир беше вистинска инспирација за сите присутни. Наставниците споделија свои примери на активности создадени со алатките WordWall, LearningApps и Kahoot, кои поттикнуваат креативност, соработка и активно учење кај учениците. Во спонтана и пријателска атмосфера, учесниците дискутираа како играта може да стане моќна алатка за учење – средство што ја поттикнува љубопитноста, критичкото размислување и самостојноста на учениците, истовремено градејќи го тимскиот дух и мотивацијата, додаде Жулина -Митовски.

Организатор на средбата беше клубот на наставници, со поддршка од Европската куќа Крива Паланка, а целта на иницијативата е да се создаде простор за споделување, инспирација и професионален раст на наставниците преку неформално дружење и дијалог.

Со „Даскалско кафе“, наставниците од Крива Паланка поставуваат нови стандарди во професионалниот развој и меѓусебната соработка, потврдувајќи дека иновативната и креативна настава започнува со споделување на идеи и соработка. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 3
Маркетинг