Култура
Доделени наградите за 48-часовниот филмски предизвик во рамките на ЅИРНИ

Жирито во состав актерката Слаѓана Вујосевиќ, режисерот Игор Христов и монтажерот Горјан Атанасов, ги избра најдобрите кратки филмови создадени во текот на еден викенд во рамките на 48-часовниот филмски предизвик на фестивалот „Ѕирни“.
Првото место го освои филмот „Несоница“ на тимот составен од Мартина Гогова, Стефани Миленковска, Никола Станишлевиќ и Антингона Џорлева. Жирито го опиша победничкиот филм како „вознемирувачки портрет на младите во Скопје“, нагласувајќи ја силната симболика и метафората за колективната летаргија на една цела генерација.
Втората награда ѝ припадна на екипата на „Клошари“: Едис Усеин, Борјан Поповски, Дамјан Шоќев, Андреј Самарџиев, Веран Павлов, Ана Ангелич, Надја Лукановска, Огнен Ромевски и Антонио Једиковски. Филмот беше пофален за одличната режија, храброто користење на визуелни ефекти и долги кадри со богат мизансцен.
Третото место го доби филмот „Fever Dream“ на Ева Божиновска, Ведра Симонова и Теодор Дамјаноски, кој се издвојува со успешната визуелна паралела помеѓу реалноста и сонот, оставајќи силен впечаток до самиот крај.
Жирито додели и две специјални признанија. Првото, на филмот „Остатоци“ од Леона Јариќ, Ѓорѓе Нешковиќ, Михаела Димитровска, Ева Тодоровска, Андреј Димески, Ксенија Манулеска и Теона Христовска, за суптилната и емотивна приказна што преку само две локации и двајца актери успева да допре длабоко.
Второто признание му припадна на филмот „Во чие име“ од Наке и Ивана Батев, кој се издвојува со својот документарно-игран пристап и критички осврт кон глобалните општествени теми.
октомври 8, 2025