Култура
Шведскиот „Престолонаследникот и враќањето на Тиранинот“ и рускиот „Од почеток“ – најдобри играни филмови на 13. „Џифони Македонија“

Шведскиот филм „Престолонаследникот и враќањето на Тиранинот“ од Торд Даниелсон е најдобар кај јуниорите (од шесто до деветто одделение), а рускиот „Од почеток“ од Полина Кондратева е најдобар за кадетите и за сениорите (од прва до четврта година средно) на 13. филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“, кој заврши синоќа, во Скопје.
Вообичаено, по гледањето на филмовите во повеќе категории, жирито на фестивалот, кое се состои од сите негови учесници, гласа за наградите на фестивалот. Кај јуниорите, за најдобар краток ученички филм е прогласен „Безвредна борба“ (Combat de merda) од Нико Ферари и Таина Арагонес (Шпанија). Најдобар краток филм е „Метеора“ на Микеле Бучи од Италија. Во категоријата кадети и сениори, најдобар ученички филм е „Доста е!“ од Јоханес Брандвајнер и Ана Хилтгартнер (Австрија). Најмногу гласови во категоријата краток филм освои „Андромеда“ од Ана Меликјан (Русија). За најдобар анимиран краток филм е прогласен „17 часот“ од Флака Коколи (Македонија/Косово).
Неда Стојановиќ, Јана Петрушевска и Бисера Чоневска, пак, се првите учеснички на „Џифони Македонија“, избрани за наредното издание на „Џифони експериенс“ во 2026 година.

На последната фестивалска вечер што се одржа во киното „Фросина“, публиката имаше можност да види што креирале учесниците на работилниците во рамките на фестивалот, во изминатите денови. Мјузикл, фотоизложба, кратки филмови… беше резултатот што го постигнаа македонските џифонци, предводени од своите ментори. Фестивалот се одржа под мотото „Да се стане човек“. По шест години, во Скопје деновиве беше и основачот на фестивалот, Клаудио Губитози, кој го сподели своето огромно одушевување од „Џифони Македонија“.
Давиде Русо, директорот за институционална соработка на „Џифони експериенс“, му се заблагодари на тимот на „Џифони Македонија“ за добрата работа, особено на Дарко Башески, директорот на фестивалот „Џифони Македонија“.
– Ви благодарам за целата поддршка и за големата мотивација. Фестивалот Џифони“ е голем извор за мотивација и инспирација. Тие џифонци што ја посетуваат Италија го знаат тоа – истакна Башески, во поздравниот говор.
Во изминатите шест дена, Скопје беше домаќин на 400 учесници од Македонија, како и на 30-ина од Италија, Швајцарија, Данска, Романија, Србија, Косово и од Црна Гора.
октомври 2, 2025