Connect with us

Култура

„Господар на танцот“ в година се враќа во Скопје

Глобалната сензација „Господар на танцот“ (Lord of the Dance), којaшто го предефинираше ирскиот танц, се враќа во Македонија на 7 април 2026 година, со ново шоу за прослава на 30-годишнината од свето постоење. Во рамки на фестивалот „Таксират“ и во организација на „Пасворд продакшн“, Скопје ќе биде домаќин на овој значаен настан. Тој ќе се одржи во салата „Борис Трајковски“, објави органиаторот.

По светската премиера во 1996 година, „Господарот на танцот“ стана најпродаваната претстава во историјата на шоу-бизнисот во светот. Јубилејната програма „30 години стоечки овации“ (30 years of standing ovations) носи и нова современа сценографија, светлосни и специјални ефекти – но и препознатливото пулсирачко темпо по коешто групата стана легендарна. Блескавата претстава на неверојатните танчери за 30-годишнината од создавањето на оригиналниот перформанс на наградуваниот визионер, креатор и режисер Мајкл Флетли подготвува нова претстава, костими и кореографија. Композитор на музиката е Џерард Фахи. Јубилејните изведби стартуваат во родниот град – ирскиот главен град Даблин на 5 февруари следната година, а продолжуваат во веќе одбрани места ширум Европа.

„’Господарот на танцот‘ е магична аудиовизуелна и музичко-театарска авантура што ја пренесува публиката во митски времиња и места, го воздигнува духот и ги плени срцата на сите. Од мигот кога светлата ќе згаснат до последниот бис, посетителите се восхитени од магијата на мајсторски оркестрираните танцови сцени со совршена прецизност, фасцинантни костими и специјални сценски ефекти коишто поставуваат нови стандарди во креативноста и сценската продукција“, соопшти организаторот.

Создадена врз основа на ирскиот фолклор, оваа класична приказна за „борбата меѓу Доброто и Злото“, претставена преку танц, ја воодушеви публиката во 60 земји во светот и ѝ донесе многу признанија на претставата.

„Тајната на неговиот феноменален успех лежи во фактот дека, преку танцот, неговите пораки допираат до сите, надминувајќи ги возраста, половите, етничката припадност, религијата и културните бариери. Овој универзален јазик го претвори спектакуларното шоу во едно од современите светски чуда, во вистинска жива легенда“, се вели во соопштението.

На 7 април 2026 година, ирското музичко-танцово мајсторство што веќе 30 години го воодушевува светот пристигнува во арена „Борис Трајковски“, во Скопје. Влезниците се веќе достапни на интернет и во продажната мрежа на „МкТикетс“.