Култура
Златна „Камера 300“ за францускиот кинематографер Давид Шамбиј

Давид Шамбиј од Франција, кинематографер во филмот „Нов бран“ е годинешен добитник на највисокото признание, наградата Златна „Камера 300“ што ја доделува ИФФК „Браќа Манаки“.
Вечерва во Битола, лауреатот Шамбиј не го криеше своето задоволство од високото признание кое како што рече го освојува прв пат во неговата кариера.
-Се радувам што со вас ја споделувам радоста за оваа награда, благодарам на тимот и на сите што беа вклучени во филмот „Нов бран“, рече меѓудругото францускиот кинематографер Шамбиј.
Со одлука на меѓународното стручно жири сребрена „Камера 300“ беше доделена на кинематограферката Олимпија Митилинау од Грција која го снимаше филмот „Мирен живот“, а бронзената „Камера 300“ му припадна на шпанскиот кинематографер Мауро Херсе кој го снимаше филмот „Сират“.
Наградените и учесниците на фестивалот ги поздрави министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој истакна дека фестивалот „Браќа Манаки“ не е само проекција на филмови, туку тоа е лабараторија за светлина и сенка, место каде што филмот не продава илузии, туку создава вистинска алхемија, меша реалност и сон, ризик и визија.
-„Браќа Манаки“ е повеќе од фестивал, доказ дека Македонија не е на маргините, туку е пулс за кого светот мора да слушне. Ветувам дека филмот нема да биде статист во Македонија, тој ќе биде водечки лик во културната приказна на Македонија. Нашата поддршка ќе биде континуирана, модерна и храбра, нагласи министерот Љутков.
Пред аудиториумот во битолскиот Центар за култура, вечерва беа доделени и наградата железна „Камера 300“ која ја доби Лука Коасин, кинематографер во филмот Л”мина“, кристална „Камера 300“ беше доделена на Лиза Јинг која учествуваше во студентската програма, а во истата конкуренција специјално признание беше доделено на Леон Хортрих од Германија.
Бурно и со овации, љубителите на филмот го поздравија појавувањето на сцената на американскиот оскаровец Воли Фистер кому беше доделена специјална златна „Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, како и на македонскиот филмски композитор Кирил Џајковски кој да доби наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја додели Друштвото на филмските работници на Македонија.
септември 27, 2025