Connect with us

Сцена

Холандскиот радиодифузер објави бојкот на „Евровизија“ и за наредната година

Холандскиот јавен радиодифузен сервис Авротрос денеска објави дека ќе го бојкотира музичкиот „Натпревар за песна на Евровизија“ и следната 2027., втора година по ред, во знак на протест против присуството на Израел и војната во Газа.

„Авротрос нема да учествува на „Евровизискиот натпревар“ за 2027., оти настанот веќе не е неутрален, бидејќи една од земјите-учеснички е сè уште вклучена во голем воен судир. Геополитичките тензии на Блискиот Исток имаа прекумерно влијание врз Евровизија и доведоа до значителни поделби“, се вели во соопштението на официјалната страница на радиодифузерот.

Извршниот директор на Авротрос, Тако Цимерман додаде дека „Евросонг“ првично бил основан за да ги зближи луѓето и земјите, но дека не може да се порекне дека меѓународниот конфликт сè повеќе се провлекува низ настанот, предизвикувајќи тој да го изгуби својот неутрален карактер.

– Како резултат на тоа, натпреварот за песна стана сцена на раздор. Како јавен радиодифузен сервис, ние остануваме верни на нашите вредности. Тие нè водат, дури и ако тоа значи откажување од настан што ни е близок до срцето. Болно е, бидејќи би сакале повторно да бидеме дел од него следната година, рече Цимерман.

Објаснувајќи ја својата одлука, Авротрос соопшти дека тешките човекови страдања во Газа и непрекинатите напади врз слободата на печатот довеле до растечки поделби околу „Евровизија“ последниве години. Притоа, оттаму прашуваат: „Кои околности го прават учеството компатибилно со неутралниот карактер на Евровизискиот натпревар, а кои не?“

„Пет земји одлучија да не учествуваат во 2026 година, поранешни победници ги вратија своите трофеи, а повеќе од илјада музичари и културни творци ја повикаа Европската радиодифузна унија да интервенира во отворено писмо. Ова ја нагласува потребата од јасна рамка за проценка на земјите вклучени во воен конфликт“, се додава во известувањето.