Култура
Со гала-концерт на Ермонела Јахо и Чарлс Кастроново почнува 66. Охридско лето
Со гала-концертот „Љубов“, на кој ќе настапат светски познатата албанска сопранистка Ермонела Јахо и американскиот тенор Чарлс Кастроново, на 12 јули на сцената на Античкиот театар ќе биде отворено 66. издание на фестивалот Охридско лето. Концертот ќе биде под диригентската палка на Италијанецот Марко Боеми, во придружба на Национална опера и балет.
Директорот на НУ Охридско лето, Ѓорѓи Цуцковски, истакна дека фестивалот веќе 66 години успешно ја гради својата меѓународна репутација претставувајќи мост меѓу културите, народите и генерациите.
– Како директор на фестивалот чувствувам особена одговорност, но и привилегија да бидам дел од приказната што со децении ја обликува духовната и културната мапа на нашата земја и пошироко. Охридско лето не е само фестивал – тоа е традиција, вредност и мост што ги поврзува културите, народите и генерациите – рече Цуцковски.
Во рамките на 40-дневната програма ќе бидат реализирани 50-ина музички и сценски настани од областа на класичната музика, џезот, балетот и театарот, со учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји.
Фестивалот годинава ќе одбележи и два значајни јубилеи – 100 години од раѓањето на оперската дива Ана Липша-Тофовиќ и 60 години од основањето на Факултет за музичка уметност – Скопје.
Во соработка со дипломатските претставништва ќе бидат организирани Австриска, Шпанска, Британска, Италијанска, Француска, Холандска, Грчка, Словачка, Унгарска и Полска вечер, како и Вечер на Европската Унија.
Пред свеченото отворање, денеска и утре, во црквата „Света Софија“, во соработка со Музичката младина на Македонија, ќе се одржи традиционалниот „Подиум на млади“, посветен на новата генерација музички уметници.
Новина во годинешната програма се концертите на џез-музика, што ќе се одржат од 13 до 16 август на сцените „Долни Сарај“ и „Света Софија“, со настап на врвни музичари од САД, Гана, Велика Британија, Холандија, Германија и Северна Македонија.
Според Цуцковски, минатогодишното издание на фестивалот било најпосетено во последната деценија, со повеќе од 10.000 посетители и публика од над 30 земји, што, како што оцени, претставува значаен придонес и за промоцијата на Охрид како културна и туристичка дестинација.
Фестивалот се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со финансиска поддршка од Владата преку Министерството за култура и туризам. Генерален спонзор е „А1 Македонија“, а поддршка во организацијата обезбедуваат и Општина Охрид, дипломатскиот кор и многубројни спонзори.
јули 11, 2026


