Култура
Награда за животно дело за словенечкиот актер Нико Ѓоршиќ на „Актер на Европа 2026“
Словенечкиот актер Нико Ѓоршиќ е годинaшен добитник на највисокото фестивалско признание, наградата за животно делот што ја доделува интернационалната театарска манифестација „Актер на Европа 2026“ – Ресен.
Наградата за актерот Горшиќ е признание за неговиот долгогодишен и исклучителен придонес во театарската уметност, беше истакнато на синоќешното отворање на 24. издание на Интернационалната театарска манифестација „Актерот на Европа“, фестивал кој повеќе од две децении претставува симбол на културниот дијалог, уметничката извонредност и поврзувањето на народите преку театарската уметност.
Според востановената традиција, синоќа во Сарајот во Ресен беа доделени и признанијата „Клучеви на Преспа“, кои годинава ги добија Македонско еколошко друштво, институција со меѓународно реноме, посветена на заштитата и промоцијата на екосистемот на Преспанскиот регион и Славе Николовски – Катин, публицист и долгогодишен афирматор на Македонија во светски рамки, со посебен интерес и придонес за Преспа.
Пред аудиториумот во Ресен беа врачени и Големите Повелби „Балканот – Срцето на Европа“ на Дејан Панделески, Сотирис Минас, Али Алиу и Европскиот институт за менаџмент, право и дипломатија.
Во рамки на програмата, вечер во Сарајот во Ресен ќе биде одиграна претставата Aurora Amoris од Црна Гора во адаптација и режија на Горан Бјелановиќ, според поезијата на Владимир Мајаковски, а ќе настапат актерите Александра Војводиќ Јововиќ и Горан Бјелановиќ.
јули 8, 2026

