Connect with us

Култура

Балерината Виола Имери ќе престојува во Париз по освојувањето на наградата „Роксан Стојанов“

Победничката на првото издание на националната награда „Роксан Стојанов“, младата балетска уметница Виола Имери, од денеска до 12 јули ќе престојува во Париз, заедно со нејзината менторка Дафина Данилоска-Кочевска.

Патувањето, престојот и професионалната програма се организирани од Културниот центар Интерарт, Францускиот институт и Амбасадата на Франција во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Република Северна Македонија во Париз и спонзори. 

Овој престој е дел од наградата „Роксан Стојанов“, востановена со цел да им овозможи на младите балетски и танцови уметници реална професионална поддршка, меѓународно искуство и директен контакт со врвни уметници и институции. Првото издание на натпреварот се одржа на 18 април годинава, на сцената на Македонскиот народен театар, во рамки на отворањето на 22. издание на „Танц фест Скопје“.

Натпреварот и доделувањето на наградата „Роксан Стојанов“ се под покровителство на претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова. На натпреварот настапија пет финалисти, избрани од вкупно 13 учесници: Антонија Атанасова, Виола Имери, Јана Кепевска, Мила Николова и Теа Серафимов. 

Жири-комисијата беше составена од Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера, Антонио Конфорти, солист на Париската опера, Сандра Мијалкова, примабалерина на Националната опера и балет, Кристоф ле Риголер, амбасадор на Франција, и проф. д-р Рисима Рисимкин, кореографка и уметнички директор на натпреварот. Првото место го освои Виола Имери, второто место Антонија Атанасова и третото место ана Кепеска. 

Антонија Атанасова и Јана Кепеска, како второ и третонаградени учеснички, добија дипломи и стипендии за учество на СИД-кампот, кој ќе се одржува од 17 до 23 август 2026 година во Скопје, со што наградата продолжува да отвора можности и за поширока група млади танцови уметници. 

Програмата за Виола Имери во Франција е подготвена од Роксан Стојанов и нејзиниот тим.

-На почетокот на престојот, Виола ќе отпатува во Евијан, каде што на 5 јули ќе има можност да настапи во рамки на Rencontres Musicales d’Évian / Музичките средби во Евијан, во програмата „Танц и музика“, заедно со Роксан Стојанов. Виола во Париз ќе учествува на програмата на Балетската школа на Париската опера, каде што ќе посетува часови по класичен балет со Стефан Булион, како и часови по современ танц и џез. Нејзината менторка Дафина Данилоска-Кочевска ќе има можност да присуствува на дел од часовите. Програмата вклучува и посета на претстави во Пале Гарние, Театар де ла Вил, Опера Бастиља и Кралската опера во Версај, како и средба со Роксан Стојанов и можност Виола одблиску да се запознае со секојдневието на ѕвездата на Париската опера, соопшти Културниот центар „Интерарт“.

Во рамки на престојот се предвидени средби и вмрежување со личности од светот на балетот и културата, како и средба со Роксан Стојанов и со  Игор Николов, амбасадор на Република Северна Македонија во Париз.

-Ова искуство претставува значаен чекор за младата уметница, но и важен пример за тоа како преку соработка меѓу културни институции, дипломатски претставништва, мецени и професионалци од уметничката сцена, младите таленти може да добијат конкретни можности за меѓународен развој, се посочува во соопштението. 

Дафина Данилоска-Кочевска, менторка на Виола Имери, се заблагодари за заложбата и целокупната организација на натпреварот „Роксан Стојанов“.

-Навистина беше на завидно ниво. Заедно нè доближивте до остварување на еден сон. Ова е непроценливо искуство кое во иднина ќе го одреди патот на Виола и ќе ѝ помогне да стигне онаму каде што навистина заслужува да биде. Фестивалот во Евијан за нас претставува предизвик кој со драго срце го прифаќаме. Честа и задоволството се неизмерни – едноставно нема зборови кои би го опишале чувството. Длабок поклон и голема благодарност, изјави Данилоска-Кочевска.

Организаторите на  натпреварот истакнуваат дека наградата „Роксан Стојанов“ е создадена со  мисија да им даде поддршка на младите танцови уметници во моментот кога таа може да биде пресудна за нивниот понатамошен професионален пат.

-Заминувањето на Виола во Париз е потврда дека оваа награда не е само признание, туку вистинска можност за учење, искуство, инспирација и отворање нови врати. Со овој престој, Виола Имери ќе има можност да настапи, да учи, да гледа врвни продукции и да се поврзе со уметници и професионалци од една од најзначајните балетски средини во Европа. Истовремено, нејзиното патување претставува силна порака до сите млади танцови уметници во земјата: посветеноста, талентот и трудот може да донесат реални можности и меѓународни перспективи, порачуваат организаторите.

Ad
Ad