Култура
Промовирани две книги на 41.издание на Штипско културно лето
Во рамките на 41.издание на Штипско културно лето во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ денеска беа промовирани две книги „Јасновидец, трагичен македонски пророк“ од Ставре Џиков и „Гоце Делчев љубов и смрт“ роман од Зоран Спасов Ѕоф.
Џиков истакна дека неговата книга „Јасновидец, трагичен македонски пророк“ се однесува за Кочо Рацин, но големата историска врска е поврзана со починатиот претседател Киро Глигоров.
-Јас ги барав историските страни и драго ми е што открив едно сведоштво на претседателот Глигоров каде што тврди – и тоа беше мотив да ја напишам книгата и објавам, за да се запознае македонската јавност – а тоа е дека првите примероци од „Бели мугри“ од желба, задоволство и барање на Кочо Рацин биле преку Киро Глигоров, кој го задолжил и ги пренел „Бели мугри“ – првите примероци – од Загреб во Велес.Тоа го прави претседателот Киро Глигоров, тогаш како илегалец, младинец и така натаму. Така што тој податок не е познат на македонската јавност-вели Џиков.
Зоран Спасов Ѕоф,авторот на романот „Гоце Делчев Љубов и смрт“ вели дека оваа книга е третиот роман од трилогијата „Тито, Сирма, Гоце“. Според него ова е неговото најзрело дело досега. Иако станува збор за историска фикција, книгата во голем дел се базира на вистински факти и сведоштва. Низ неа Гоце Делчев се приближува до обичниот читател, како човек со сите свои дилеми, стравови и први чувства.
Досега книгата е промовирана на Саемот на книгата во Скопје и веќе има добиено исклучително голем број рецензии (објавени се 8, а вкупно има околу 20).
Спасов за визионерството на Делчев вели дека неговите мисли се оценети како 150 години пред своето време, ниво до кое општеството сè уште нема стигнато.
-Во подготовка е нов историски роман кој ќе ги обработува страдањата на македонскиот народ на Кајмакчалан за време на Првата светска војна. Издавањето зависи од издавачот, но се очекува книгата да биде промовирана на следниот Саем на книгата-вели Спасов.
јули 1, 2026

